Македонија на чекор до прва жена претседател

170

Сè поизвесно е дека новиот станар во Вила Водно ќе биде професорката Гордана Силјановска-Давкова. Тоа го покажуваат резултатите од првиот круг на претседателските избори на кои кандидатката за претседател, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, со убедливо, двојно водство влегува во вториот круг од претседателските избори, каде што, како и во 2019 година, ќе се соочи со својот опонент, актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој во трката влезе со поддршка од владејачката СДСМ.

Според пребројани 99,85 отсто од гласовите, Силјановска освои 362.682 гласа, односно 40,08 отсто, а Пендаровски првиот изборен круг го завршува со 180.306 гласа, односно 19,93 отсто.

Зад нив е Бујар Османи од Европскиот фронт со освоени 120.903 гласа (13,36 отсто) кој во средата вечер на плоштадот „Скендербег“ славеше победа врз неговиот директен ривал од албанскиот блок Арбен Таравари, кој како кандидат на коалицијата од „Вреди“ освои 83.356 гласа (9,21 отсто).

Најголемо изненадување во првиот круг претседателски избори беше кандидатот на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски, кој освои 83.787 гласа (9,26 отсто), кој освои 431 глас повеќе од Таравари. Професорката Билјана Ванковска од Левица освои 41.172 гласа (4,55 отсто) а Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 0,90 отсто, односно 8.103 гласа.

Овие бројки се официјални објавени на страната на Државната изборна комисија од обработени 99,85% гласачки места. Излезноста на изборите, според ДИК е 49,95%. Согласно резултатите, Македонија за првпат би можела да добие жена за претседател доколку го повтори резултатот во вториот круг кој е закажан за 8 мај, кога паралелно се одржуваат и парламентарните избори.

Пендаровски победи само во две општини, Јакимовски е единствен кој изгуби во сопствената општина

И по општини, најмногу гласови во 59, освои Гордана Силјановска, а кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски победи само во две општини, Крушево и Маврово и Ростуша. Во Крушево, Пендаровски освои 2.026 гласа, а Силјановска 1 778 гласа. Најголема разлика пред главниот ривал Пендаровски оствари во општина Гази Баба каде според аналитиката на Телма, освои 13.343 гласови повеќе или четирипати повеќе од актуелниот претседател.

Падна и Општина Струмица која во последните 20 години важи за бастион на СДСМ. Таму, во првиот круг Силјановска освои 11 808 гласа а Пендаровски 9.008 гласа. Актуелниот претседател нема победа во ниту една скопска општина. Од десетте на ниво на Град Скопје во седум, првопласирана е Силјановска, а во три Бујар Османи. Силјановска најмногу гласови во една општина освоила во Аеродром, 21.145, додека Пендаровски во Општина Карпош каде собрал 9.130 гласови на втората позиција.

Дебакл во сопствената општина доживеа актуелниот градоначалник Стевче Јакимовски за  кого недостижни неа и 10 илјади потписи кои ги доби за кандидатурата. Според ДИК тој во Карпош доби вкупно 2.143 гласови. Дури и неговиот колега од Куманово во Карпош доби повеќе гласови од него или вкупно 3974 гласови. Јакимовски е единствен е од градоначалниците кои изгубиле во сопствената општина. Максим Димитриевски успеа да победи во Куманово со над 14.000 гласови што е, речиси, петтина од вкупниот број на гласови за лидерот на ЗНАМ. Арбен Таравари за само 75 гласови успеа да победи на домашен терен во Гостивар пред Бујар Османи.

Битката Османи-Таравари најтесно во Тетово

Битката во албанскиот блок меѓу Бујар Османи кандидат на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ и Арбен Таравари, кандидат на коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците се водеше во општините во Западна Македонија. Според податоците на ДИК, Османи  во 16 општини и тоа: Чаир, Сарај, Арачиново, Шуто Оризари, Студеничани, Липково, Боговиње, Пласница, Врапчиште, Дебар, Тетово, Центар Жупа, Струга, Кичево, Долнени и Желино. Таравари, освен во својата општина води и во Теарце. Од општините каде што Османи освоил повеќе гласови од Таравари, најтесна е разликата во Тетово. Таму, според 99,85 отсто обработени избирачи, Османи освоил 14.726 гласа, а кандидатот на „Вреди“ 14.030 гласа. Сепак, најмала разлика во гласовите има во Теарце каде што Таравари води со 41 глас пред Османи.