Да не се враќаме во минатото и да се огорчуваме поради тоа што викав УЧК, порача лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од синоќешниот митинг во Дебар.

Тој вели дека ОНА, во јавноста позната како УЧК, е гордост на Албанците и оти ја спасила Македонија.

Ахмети ова го кажува по реакциите што ги предизвика неговото скандирање „УЧК, УЧК…“ на митингот на ДУИ и коалицијата Европски фронт и нивниот кандидат за претседател, Бујар Османи, во Скопје пред една недела.

-Оваа земја има свое место во Европа и за оваа земја мора да работиме заедно, Македонци и Албанци, а не да се враќаме во минатото и да се огорчуваме за тоа што викав УЧК. УЧК е албанска гордост и ја спаси Македонија, рече Ахмети во Дебар.

Тој ја прокоментирал и изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оти Ахмети му праќал емисари, со цел ДУИ да влезе во коалиција со неговата партија по изборите. Обраќајќи му се на Мицкоски, рекол оти коалицирал со партии на етничките заедници кои тие ги презираат.

-Христијан, во политиката влегов како востаник и нема да излезам без да се откажам, да се разбереме, народот ме гласа 22 години. Јас формирав фронт со албанските политички партии, но го направив овој фронт непобедлив со вклучување на заедниците кои вие ги презирате, како што се турската, ромската и босанската. Се трудиме овој Устав што го направивме уште поблизок до граѓаните на Република Македонија, да ги вклучи бугарската, египетската, црногорската и хрватската заедница. Охридскиот договор и промената на политичко-правниот статус на Албанците не ја уништија Македонија, изјави Ахмети.