(ФОТО) “Страдањето на Света Урсула” – последната слика на Караваџо изложена во Лондон

На врвот на својата слава во Рим, познато е дека Микеланџело Мериси да Караваџо поседувал само 12 книги. Не го замислуваме Караваџо како читател. Уличен тепач, убиец  да – но не и интелектуалец.

Сепак, неговата слика „Страдањето на Света Урсула“ e “книга за неговите сокриени дијаманти”.

Приказната за Урсула, ранохристијанска принцеза од Британија која отпловила за да се омажи и во надеж дека ќе го преобрати паганскиот принц придружувана од не помалку од 11.000 девици, е религиозна бајка раскажана во неверојатно чудниот средновековен компендиум наречен Златна легенда.

Караваџо очигледно внимателно го проучувал овој извор од 13 век бидејќи во него гледа нешто што на другите прикази на таа библиска сцена не е прикажано. Претходните уметници претставуваа страшно масовно мачеништво.

Караваџо, наместо тоа, се фокусира на изолиран момент. 11.000-те придружнички на Урсула беа убиени од „хунското племе“ во Келн (да го цитирам преводот на Вилијам Гренџер Рајан), но Урсула била поштедена.

Поглаварот на Хуните „бил заслепен од нејзината чудесна убавина“. Тој ја замолил да се омажи за него. „Но, таа ја презрела неговата понуда, а тој, гледајќи дека таа го презира, ја прободел со стрела.”

Тоа го насликал Караваџо.

Хунскиот крал обземен од бес, неговото лице огнено црвено, бесно како лавот на неговиот бронзен оклоп. Тој ја пушта стрелата обземен од бес. Урсула гледа надолу, нејзиното лице мирно, со стрелата забиена во нејзините гради. Нема војски, нема могили од трупови како во претходните прикази.

Наместо тоа, Караваџо го прави она што неговиот современик Шекспир го направил кога ги создал Макбет и Отело: тој го извлекува човечкиот бит од нарацијата. Ова е одлична драма одиграна во длабочините на ноќта – и Националната галерија ја поставува на тој начин.

Мачеништвото на Света Урсула виси на мрачен простор со грст придружни документи и уште една слика. Тоа е хипнотизирачка драма на бес, насилство, смрт и можеби вина, жалење и прифаќање – и можете да ја гледате бесплатно.

Дискретно насликано е и камео од самиот Караваџо, во последниот автопортрет што некогаш го насликал, стоејќи зад Урсула.

Неговите веѓи и коса се густи и црни. Како и неговите очи. Скоро потполно без светлина, но во секое има две ситни бели дамки. Тие го рефлектираат изворот на светлина што ги разголува овие очајни фигури во ноќта. Таквото осветлување (кјаро-скуро) го направи Караваџо суперѕвезда. Но, тој го запрепастил и Рим од почетокот на 1600-тите, набљудувајќи ја вистинската светлина.

Поставени во скромни соби или споредни улици, сцените во сликите како Повикот на Свети Матеј се осветлени со еден извор од страната што ги одвојува смелите детали од околната темнина.

Страдањето на Света Урсула ја има истата фокусирана светлина, но зракот е исклучително тенок, како да мунува низ процеп. Удира на лицето на хунскиот поглавар оставајќи ги другите негови карактеристики во неосветлената празнина. Покрај него, сведокот има лице кое е само нос и око. Лицето на Караваџо е слично осакатено. Горната половина е осветлена додека неговата уста, отворена од ужас, одвај се забележува.

Националната галерија верува дека ова е последна слика на Караваџо. Кратко пред да ја наслика бил нападнат пред гостилница во Неапол, брутално му го исекле лицето, оставајќи го „непрепознатлив“ според еден писател од 17 век.

Значи, можеби делумно видените, делумно скриените лица го одразуваат неговото чувство на обезличување. Оклопниот војник на крајниот десен раб има најнепрепознатливо лице од сите, само нос под шлемот.

Извор: Гардијан

Превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close