Најмалку 34 лица загинаа откако руски ракети искандер го погодија централното градско подрачје на украинскиот град Суми додека луѓето се собраа да го прослават празникот Цветници.
Ова е втор ваков напад од големи размери кој однесе цивилни животи за нешто повеќе од една недела, откако претходно во силен ракетен напад беше погоден градот Криви Рих.
Двата балистички проектила погодија цивилни објекти, велат надлежните додавајќи дека во областа нема воена база.
По рускиот напад во местото каде беше извршен ракетниот удар избил силен пожар кој пожарникте екипи се бореа да ги изгаснат.
Меѓу загинатите има и две деца, се вели во соопштението на Државната служба за вонредни состојби на Украина.
Уште 117 лица други се ранети, вклучително и 15 деца, се вели во соопштението. Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на глобален одговор на нападот.
Трамп: Целата војна е ужасна работа, во Суми е направена грешка
За американскиот претседател Доналд Трамп нападот на Суми е голема грешка. Според него војната во Украина воопшто е ужасна работа и злоупотреба на моќта.
- Ова е војната на Бајден. Ова не е моја војна. Јас сум тука многу краток временски период. Ова е војна што беше под раководство на Бајден. Им даде милијарди и милијарди долари. Да имал мозок, кој го немал и го нема и сега се докажува, немаше да дозволи таа војна да започне. Апсолутно не би сакал. Таа војна никогаш немаше да се случи. Запомнете го ова, ова е војната на Бајден. Само се обидувам да ја запрам за да спасиме многу животи, рече Доналд Трамп претседател на САД.
Претходно тој изрази загриженост и поради ескалацијата на конфликтот паралелно со употребата на американски ракети со долг дострел од страна на Украина врз руска територија. Тој оцени дека ваквите напади ја зголемуваат тензијата и ја влошуваат ситуацијата.
Трамп истакна дека негов приоритет ќе биде да ја заврши војната во Украина и да спречи потенцијална Трета светска војна. Тој изјави дека ќе се фокусира на постигнување праведен и одржлив мир во регионот.