Двајца Македонци осудени на по 5 години затвор во Грција: Ги фатиле со 599 фалсификувани бланко документи

545

Двајца македонски државјани се осудени на по пет години затвор во Грција за внесување на 599 фалсификувани обрасци на лични документи, објави денеска МИА.

Тие двајца се уапсени во петокот на граничниот премин „Дојран“ при проверка за влез во Грција.

Кај еден од нив се пронајдени 440 бланко документи – лични карти, возачки дозволи, дозволи за престој од различни европски земји скриени во јакна, а во возилото се пронајдени уште 159 бланко документи.

Грчката агенција АНА-МПА објави дека Прекршочниот суд во Кукуш ги осудил двајцата уапсени по итна постапка во саботата на по пет години затвор за кривично дело фалсификување и здружување.

Соопштено е дека двајцата се бранеле молчејќи.

Истрагата продолжува да утврдува за кого биле наменети стотиците фалсификувани документи за идентификација што се обиделе да ги прошверцуваат.