Алкалоид испиша нови страници во клупската историја со фантастичниот пласман во полуфиналето од ЕХФ Европскиот куп. Дури и без својот лидер Марко Митев, избраниците на Кире Лазаров најдоа начин – со моќно колективно издание да го натераат романскиот претставник Баја Маре на капитулација, за огромна радост на сите присутни во преполната сала Автокоманда.
Она реми во Романија не само што не беше случајно, туку само го најави денешното беспрекорно издание на Алкалоид со кое „сино-белите“ го демолираа противникот, прашањето на победникот решавајќи го уште во првото полувреме.
Македонскиот ракомет слави нов успех, овој со дополнителен шарм ако се знае дека Алкалоид е речиси стопроцентно македонски продукт, клуб преку кој се афирмираат и напредуваат огромен број од нашите репрезентативци. А исто како што репрезентацијата го положи испитот на зрелоста овој јануари во Вараждин, тоа вечерва го стори и РК Алкалоид на клупско ниво, играјќи го најдобриот натпревар кога беше најважно.
За потврда на потенцијалот и квалитетот, но и најава за уште подобри партии во иднина…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА