ВМРО-ДПМНЕ повторно бара избори најдоцна до пролет

од Nikola Popovski

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе сет на закони и законски измени со кои предлагаме мерки за намалување на енергетската криза и економската сиромаштија. За жал не гледаме голема респонзивност и затоа најдобар начин да се реши оваа криза се брзи предвремени избори, најдоцна пролет 2023 година. Затоа што не смееме да заборавиме дека кризата ќе е малце подолга, и дека доаѓа уште потешка зима а тоа е зимата во 2023 година, изјави денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Николоски го повтори ставот на неговата партија за што поскоро одржување на предвремени парламентарни избори.

-Ако оваа година некои од земјите успеаја да ги наполнат резервите со гас и колку толку да има некакво производство на електрична енергија по вакви високи цени сепак го има, големо прашање е што ќе се случува во текот на 2023 година и затоа не смее неспособна влада која нема одговори за економските проблеми на граѓаните да остане на власт цела година. Најдоцна на пролет мора да има избори за нова власт да се спреми и организира и спремно да ја дочека зимата 2023 како би се намалиле економските последици и би можело стопанството да се врати во нормала и да се врати животниот стандард на граѓаните, порача Николоски.

За разлика од него, премиерот Димитар Ковачевски вчера од Штип изјави дека земјава ќе има редовни избори во 2024 година.

-Северна Македонија ќе има избори во 2024 година. Прво ќе имаме претседателски, па парламентарни. На нив ќе се случи истото што се случи во општината Маврово Ростуше кога ВМРО-ДПМНЕ зборуваше за огромна предност на партијата и на крај катастрофално ги изгубија изборите. Тоа е резултат на политиките кои што оваа Влада ги води – политики за европска интеграција на државата, со јасен план за справување на економската и енергетската криза, рече премиерот.

Слични содржини