Изминатата 2023 година од Македонија бил извезен зеленчук во вредност од 95,1 милион евра, што е раст од 17,5% или за 14 милиони евра повеќе во однос на вредноста на извезениот зеленчук во 2022 година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
Што се однесува до извезените количини, тие се поголеми за 10% во однос на 2022 година, односно во текот на 2023 година на странските пазари биле продадени облизу 130 илјади тони зеленчук проиозведен во Македонија.

Анализата на вредноста на извозот на зеленчук во изминатите години покажува дека минатата 2023 година бил остварен вредносно највисок досега извоз во последните 10 години.

Зелката неколку години наназад е најизвезуван зеленчук од Македонија. Во 2023 година на странските пазари била продадена зелка во вредност од 29,9 милиони евра, што е раст од 21% во споредба со 2022 година. Извезените количини на зелка лани надминаа 64 илјади тони и се поголеми за 8,3% во споредба со претходната 2022 година.

Пиперките се втор најдобро продаван зеленчук од Македонија во странство. Во 2023 година од Македонија на странските пазари биле продадени 26 илјади тони пиперки во вредност од 20,7 милиони евра. Вредноста на извезените пиперки бележи раст од 35%, додека извезените количини се поголеми за 14,4% во споредба со 2022 година.

Следни се доматите од чија продажба во странство лани се заработени 12,3 милиони евра, што е раст од 6,8% во споредба со претходната 2022 година. Лани извезени биле 14,3 илјади тони домати, што е за 10% повеќе отколку во 2022 година.

Следат печурките за јадење од кои лани е остварен извозен прилов од околу 4 милиои евра, голем раст од два и пол пати во споредба со 2022 година кога биле извезени печурки за јадење во вредност од 1,6 милиони евра.

Вредноста на извозот на краставици и корнишони се намалува неколку години по ред, а лани бележи пад од 15,4%, на 3,8 милиони евра. Извезените количини на краставици и корнишони бележат уште поголем пад од 22,4% во споредба со 2022 година.
Следи извозот на свеж кромид кој лани донел извозни приходи од 2,5 милиони евра, што е раст на вредноста од 90%, во најголем дел заради растот на цените на овој зеленчук, додека количините биле зголемени само за 10% и достигнале 3,4 илјади тони.

Извозот на компир лани бил зголемен за 27% и достигна вредност од околу два милиони евра, раст од 27% во споредба со претходната 2022 година. Извезените количини на компири лани биле зголемени за 30%.

Неколку години наназад раст бележи и извозот на спанаќ, кој лани надмина 1 милион евра, годишен раст од 25%. Следат извозот на модар патлиџан кој лани надмина вредност од 720 илјади евра (раст од 21%), цвекло (467 илјади евра), моркови (346 илјади евра), грав (227 илјади евра)…

Секоја година расте и извозот на замрзнат зеленчук. Лани извозот на замрзнат зеленчук се зголеми за 13%, на 9,6 милиони евра. Вредноста, пак, на извозот на сушен зеленчук лани се намали за 43%, на 3,7 милиони евра.

Каде најмногу се продава македонскиот зеленчук?

Македонскиот зеленчук лани се извезувал во 35 земји. Само во 19 земји би остварен извоз поголем од 1 милион евра.


Ако се анализираат податоците за извозот на зеленчук по земји, најголем извозен пазар за македонскиот зеленчук минатата 2023 година била Србија. Во Србија лани биле продадени 26,8 илјади тони зеленчук во вредност од 17,9 милиони евра, што е раст од 46% за само една година. Во Србија лани најмногу се извезувале домати, пиперки и зелка.

Втор најголем пазар за македонскиот зеленчук била Полска со извоз вреден 11,1 милион евра, кој лани е зголемен за 67%, благодарени на поголемиот извоз на зелка. Во Полска лани најмногу се извезувале зелка, домати и замрнат зеленчук.

Следи Хрватска со извоз вреден 8,3 милиони евра во 2023 година (+40%) од кои најголем дел отпаѓа на пиперки и зелка.

Четврт најголем извозен пазар за македонскиот зеленчук е Украина, каде лани бил остварен извоз вреден 7,8 милиои евра (-7%), од кои најголем дел отпаѓа на зелка.

Петти најголем извозен пазар е Италија со извоз вреден 7,4 милиони евра (-24%), од кои најголем дел отпаѓа на замрзнат зеленчук и печурки за јадење.

Следат Германија со извоз од 5,7 милиони евра (+12%), Бугарија со извоз од 4,96 милиони евра (+45%), Косово со извоз од 3,98 милиони евра (+170%), Русија со извоз од 3,8 милиони евра (-58%) и Романија со изоз од 3,8 милиони евра (-14%).

На овие 10 пазари лани бил остварен над 78% од вкупниот извоз на зеленчук произведен во Македонија.