Висок пораз на Текстилец во Струмица, Радовиш до нова победа во плеј-офот

ФОТО: Телевизија М Нет

Ракометарите на штипски Текстилец беа убедливо декласирани во Струмица каде загубија од Астарион со 41:33 во меч од 11. коло од плеј-аутот на Првата ракометна лига.

Васе Наков со 10 гола беше најдобар кај струмичани, а девет имаше Кире Георгиев, додека пак кај штипјани најдобри со по седум гола беа Дарио Јорданов и Филип Џинес.

Борец на домашен терен беше одново декласиран од Овче Поле со 26:35, а вечерва Преспа Вардар ќе игра против Кичево.

Во однос на плеј-офот нова победа за Радовиш кој со 27:33 славеше над Македонија ЃП. За „лавовите“ најдобар беше Стефан Нацев со осум гола, а кај Радовиш најдобар беше Зоран Стојановски со 11 гола.

Металург со убедливи 29:42 го декласираше Шампион во меч каде за тимот од Автокоманда најдобар беше Димитар Ристовски со шест гола, а за домашниот тим Стефан Огненовски со осум гола.

Непоразениот лидер Бисинов со 41:35 го доби Драчево, а на овој меч најдобар кај домашниот тим со седум гола беше Ивица Илиев, додека кај гостинот најдобар беше Филип Дабевски со девет гола.

Бисинов од следната сезона ќе игра за првпат во својата клупска историја во ракометната елита на Македонија односно во Суперлигата.

Колото ќе се комплетира вечерва во Гостивар со мечот меѓу Јехона и Младост.

Александар Ванев, М-Нет