Кастрењето на државниот апарат да почне по изборите со намален број на министерства

Изборите во Македонија се наближуваат кон финалето. Наскоро бројните владини и други државни институции ќе добијат нови раководства. Апетитите на партиите кои учествуваат во власта се секогаш големи во однос на добивањето на функции кои во државниот апарат ги има во значителен број. Неодамна, Министерството за инфорамтичко општество соопшти дека во Македонија лани имало вкупно 1.371 институција, во кои работат 110.169 лица. Тоа било за 17 институции повеќе отколку пред две години, што е целосно спротивно на најавите на досегашната Влада за намалување на бројот на непотребните институции. За жал, лани пораснал и бројот на вработените во државните служби – ги имало за 300 повеќе отколку во 2022 година… Сето ова е доволно за да се вклучи алармот – Македонија не може да издржи толкав државен апарат. Стотици милиони евра одат за плати на административците и за трошоците на институциите меѓу кои дури 14 дури и немаат вработени туку само директор, а 193 други институции имаат од 1 до 10 вработени? Нели е крајно време да започне рационализацијата?

Крајот на изборите, очекувањата да се формира нова Влада, се добар повод уште сега да се размислува за ова. Пример за тоа, се чини, треба да го даде токму владиниот кабинет кој со години го следи назнака дека со своите дваесет членови е преголем за потребите на држава каква што е Македонија. Треба да следи намалување на бројот на министрите, на ресорите, со цел да се добие ефикасна но и поевтина Влада. Во Словенија и во Косово, земји слични на Македонија, владините кабинети бројат 17 односно, 15 членови. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во кампањата најави дека ќе излезе со предлогот за намалување на бројот на пратениците во парламентот од 120 на 90, но и дека планира реорганизација на институциите. Што ќе излезе од оваа идеја, за која е потребна и парламентарна поддршка останува да се види. Но, јасно е, ако се сака штедење тогаш потребно е намалување на бројот на владините ресори, а потоа и на сите непотребни институции.

-Се залагам како за намалување на бројот на пратениците, кои не треба да се повеќе од 60, така и за помалку министерства. Некои министерски места навистина не се потребни. Со тоа ќе се намалат прво трошоците, а потоа и злоупотребите. На пример, ресорите економија и финансии може да се спојат во еден, во едно министерство може да бидат и МВР и Правда, а Локална самоуправа може да се укине. Ингеренции во ресорот за Обрана и за Надворешни работи може да ги преземе шефот на државата со што ќе се зголеми неговата активност и нема да биде пасивен, смета граѓанинот Љубен Бошковски.

И наједноставните пресметки покажуваат какви заштеди би донела рационализацијата: намалувањето само за три министерства преку спојување со другите ќе значи дека нема потреба од три заменици-министри, три државни секретари, три секретарки и членови на кабинети… ќе значи дека нема потреба од посебни згради, простории, посебни служби, комунални трошоци за греење и слично. Да не зборуваме за намалувањето на бројот на членовите во општинските совети, на членовите во Управните и Надзорните одбори по бројни институции кои земаат големи парични надоместоци, како и основни плати кои лани доживеа астрономско покачување од 78 проценти.

Темата треба да се отвори веднаш изборите. Светските искуства покажуваат дека новите владини кабинети ваквите организациски промени ги прават во првата година од својот мандат.

 

Измислени функции за коалициски партнери

Коалициските пазарења на владините партнери се најчеста причина за определувањето на тоа колку министерски и други ресори ќе има во некоја Влада. Пред да дојде на власт во 2016 година СДСМ ветуваше намалување на бројот на министри, но потоа се формира ново министерство за политички систем и односи меѓу заедниците со што бројот на министерства од 15, колку што ги наследи од владата на ВМРО-ДПМНЕ, го зголеми на 16. Интересите на партнерите во Владата најчесто се задоволуваат преку „министрите без ресор“, „преку „заменик претседател“, преку „прв потпретседател“…, а со кои се добиваат скапоплатени функционери со свои кабинети и за кои е прашање што и колку работат.

Претходна вестВелигден пречекан со пораки да се обединиме како народ и трајно да ги надминеме внатрешните разногласија и меѓусебните поделби
Следна вестВремето денеска сончево и потопло