КАТАР НА „КАНТАР“ – ТЕМА И ДИЛЕМА (7): Цели 80 години Германија не беше послабопласирана од седмото место на СП, а сега повторно е пред рана елиминација!?

Осврт со најважните моменти кои го одбележуваат мундијалскиот ден. На вага клучните поенти, случувања, теми и дилеми…, кои вреди да се „измерат“ како заокружување на дневните возбудувања во Катар.
================================================================================

ТЕМА НА ДЕНОТ: Германија досега само двапати не успеала да ја мине групната фаза…

Цели 80 години Германија секогаш ја минуваше групната фаза на светските првенства се до претходниот Мундијал 2018 во Русија. Само двапати Германците во историјата не успеале да ја минат групната фаза, во 1938 година и во 2018 година.

И ете, сега „панцирите“ повторно се пред опасност да не ја минат групата во која по два натпревари се на последната позиција со само еден бод, оној денешниот против Шпанија. Не им треба повторно 80 години за да потфрлат на стартот на собирот на најдобрите светски репрезентации. Селекцијата на Ханси Флик има три порази на последните пет меча на светските првенства, а само еден бод од двата дуели досега во Катар.

Во 1938 година, Германија беше елиминирана од Швајцарија во директен нокаут-формат. Првиот натпревар меѓу двата тима тогаш заврши без победник 1-1, за да Швајцарија во репризата слави со 4-2 и се пласира во четвртфиналето. Од тогаш, Германија никогаш не успеала да заврши послабопласирана од седмото место на ниту едно од 16-те светски првенства на кои учествувале, се до Мундијалот 2018 во Русија.

Сега повторно се пред тежок испит. Во последниот натпревар во Групата Е ќе мора да слават против Костарика со што е можно подобра гол-разлика, но и да го чекаат исходот од натпреварот меѓу Шпанија и Јапонија.

Дали е можно Германија само третпат во 92-годишната историја да не ја мине групната фаза на мундијалските натпреварувања!?

ХЕРОЈ НА ДЕНОТ: Андреј Крамариќ ја води Хрватска по победнички пат!

Хрватскиот репрезентативец Андреј Крамариќ е херојот на денот… Најзаслужен за триумфот на светскиот вицешампион против Канада, со два постигнати гола но и дефинитивно најрасположениот за игра поединец кој се издвои од денешните четири натпревари на Светското првенство во Катар.

РЕКОРД НА ДЕНОТ: Костариканците станаа репрезентација која дошла до победа со најмалку допири на топка во противнички шеснаесетник

Костарика славеше важна победа против Јапонија со 1-0, но собори и неславен рекорд на Мундијалите. Костариканците станаа репрезентација со најмалку допири на топката во противничкиот шеснаесетник, а која притоа успеала да дојде до триумф на меч на светските првенства.

 

КУРИОЗИТЕТ НА ДЕНОТ: Мароко сите победи на Мундијалите ги запиша против европски селекции

Мароко ја запиша само третата победа на Мундијалите во историјата, и тоа интересно сите три против европска селекција и сите три со повеќе од два гола разлика.

Првата победа беше против Португалија (3-1) во 1986 година, потоа и 3-0 против Шкотска на СП 1998 и последната денеска против Белгија со 2-0.

ФОТО НА ДЕНОТ: Една е мајка! Мароканецот Хакими во прегратките на својата мајка по триумфот над Белгија!

Се вчитува...