ПОМОШТА И РАЗВОЈОТ НА КОЧАНИ СЕ ПРИОРИТЕТ НА ВЛАДАТА Две инвестиции наместо во други места, ќе се реализираат во кочанската индустриска зона
Како Влада ќе одвоиме 2 до 3 пати повеќе средства за Кочани, во делот на инвестиција на инфраструктурните проекти, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Кочани ќе биде наш главен приоритет во периодот што следи, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање какви се плановите на Владата за поддршка на Кочани, по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 59 лица, а речиси 200 се повредени.
– Апсолутно ќе му помогнеме на Кочани. Ќе бидат зголемени средствата во периодот што следи, во делот на инвестиции во Кочани. Ќе биде приоритет и во делот на обезбедување инвеститори и креирање на нови доброплатени работни места. Веќе со 2 такви компании разговараме, преговараме, иако беа веќе утврдени местата на инвестиции, сега тие ќе се пренасочат во Кочани, во зоната таму. Но, исто така и ние како Влада преку овој проект за којшто денес зборуваме ќе одвоиме 2 до 3 пати повеќе средства за Кочани, во делот на инвестиција на инфраструктурните проекти – рече премиерот Мицкоски.
Истовремено, додаде тој, продолжуваме да се грижиме за сите повредени лица.
– Поминаа оние два критични, можеби најкритични меѓника, тоа е 72 часа и 7 дена. Од тие речиси 200 повредени коишто најголемиот дел имаат изгореници и повеќе од 50% до 80% и покрај тешката состојба, сите се во моментот стабилни, иако имаме 5 или 6 случаи коишто се критични, но се бориме и ќе продолжиме да се бориме. Ова беше прецизна, точна реакција, благодарност до медицинските тимови коишто ја дадоа онаа потребна прва помош и во Кочани и во Штип и во Скопје. Благодарност и до сите институции коишто помогнаа – рече Мицкоски.
Владата, додаде тој, го обезбеди превозот и сместувањето на по 2 члена на семејствата на над 100 повредени кои се лекуваат во странство и ќе продолжи да се грижи.
– Од информациите со кои располагам од Министерството за здравство, дел од пациентите ќе почнат да се враќаат, дел коишто се хоспитализирани кај нас се отпишуваат и одат во домашно лекување. Така што, со Господ напред, очекувам сè да биде добро, колку може да биде добро во оваа ситуација. Продолжуваме да се грижиме и семејствата на оние невини жртви, кои трагично го загубија животот. Сè она за кои може Владата да помогне, во периодот којшто следи, ќе помага – рече премиерот Мицкоски.