Општество
Андоновски: Родителите на учениците да ги искористат забраните што постојат на мобилните уреди
20.12.2024
Министерството за дигитална трансформација ќе им прати на основните и средните училишта препораки во врска со апликации на мобилните уреди кои имаат штетни влијанија врз учениците. Министерот Стефан Андоновски изјави дека ги подготвуваат препораките, но нагласи дека за овој проблем најодговорни се родителите, особено на децата во основно образование, затоа што треба да ги вклучат системите за заштита на деца кои постојат во паметните телефони.
- Подготвуваме препораки кои ќе ги пратиме до сите основни и средни училишта во државата за димензионирање на услугите што се нудат на овие мобилни апликации Сепак, главната одговорност ја имаат родителите. Секој паметен уред има системи за заштита на деца, тие системи може да се вклучат. Тоа може да го направи секој родител, може да го направите и на домашните уреди и на тој начин може да ги заштитиме децата од несаканите појави кои се на Интернет. Апелирам до родителите, особено на децата во основно образование, тоа веднаш да го направат. Ако сакаат да се справуваат со овие закани, кои не се кривични дела, не е пропагирање на некое кривично дело преку апликациите, родителите да бидат повнимателни и да ги искористат забраните што постојат на мобилните уреди, изјави Андоновски.
Додаде дека преку Центарот за безбеден интеренет, во 2025 година Министерството ќе работи на подигнување на свеста кај родителите.
На прашањето дали треба да се забранат мобилни телефони во училиштата, по примерот на некои земји од регионот, министерот одговори дека за тоа треба да се разговара со Министерството за образование и наука и со општините како надлежни за училиштата.
- Препораката треба да биде дека за време на часови, за време на настава, учениците не треба да ги користат своите мобилни телефони. Дали училиштата ќе одат кон целосна забрана на мобилни уреди во училиштето, тоа останува, сепак, на луѓето кои креираат политики во тој домен. Но наше мислење е дека никако не треба да се дозволи користење мобилни телефони во училниците, истакна Андоновски одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на редизајнираниот портал: uslugi.gov.mk
Министерството за дигитална трансформација денеска го претстави редизајнираниот национален портал uslugi.gov.mk кој на граѓаните им нуди сто нови електронски услуги.
Министерот Стефан Андоновски на презентација ги соопшти најважните нови функционалности на порталот. Рече дека со неговиот тим во изминатите пет месеци интензивно работеле да ги подобрат перформансите на е-порталот и искуството на оние што ги користат е-услугите, да воведат што поголем број и пристап до нив да имаат и лицата со попреченост, водејќи се од принципот - транспарентност, достапност и ефикасност.
Покрај тоа што нуди 100 нови услуги, порталот uslugi.gov.mk во изминатите пет месеци има и нови 30 000 корисници, а освен надградбата на овој систем, се отвораат и центри за услуги за граѓаните низ целата држава.
Како што соопшти Андоновски, по преземањето на ресорот пред пет месеци порталот нудел 125 услуги, а сега има повеќе од 200.
Извор/фото МИА