ЕУ ќе застане без имигранти

Недостиг од работна сила моментно владее во голем број сектори во речиси сите земји-членки на ЕУ. Тому затоа Европската комисија нагласува дека на ЕУ и е силно потребна имиграција на работници, а за што е неопходно олеснување на законската регулатива, со напоредно засилување на заштитата на работниците од експлоатација и натамошно подобрување на мобилноста внатре во Унијата. Во спротивно, без прилив на работна сила, ќе запрата економските тркала на ЕУ.

Во делот на сé поинтензивни движења на мигрантска работна сила кон ЕУ, во значаен обем учествуваат и Македонците. Во последните години правото на слободно движење на големиот безграничен европски пазар на труд го користат голем број македонски граѓани со двојно државјанство, при што пристапот до ЕУ им се отвора откако се здобиваат со бугарски ЕУ-пасоши. Бугарскиот државен врв, пак, – тој чисто прагматичен пристап на македонските граѓани кои ги „прегрнуваат“ бугарските пасоши и ги стискаат како заобиколен пат во барањето работа и подобра заработувачка во ЕУ, – го втурнаа во котелот во кој зоврива бугарско-македонскиот спор, со илузорни тврдења на Софија дека станува збор за јасно освестување на Македонците од заблудите за својот идентитет.

Околу 400.000 дозволи за престој, според статистиката на Евростат, им се издадени на македонски граѓани во членките на ЕУ. Со издадените дозволи за престој и работа во ЕУ, се разбира, не се опфатени само македонските граѓани кои добиле такви дозволи во последните неколку години, туку и оние кои живеат во ЕУ-членки и од поодамна. Но, сепак, овие податоци доволно конкретно зборуваат за обемот на емигрирањето од Македонија кон европските земји, и тоа најмногу поради барање работа и семејни причини.

Статистичките бројки на Евростат стануваат уште поинтересни доколку се погледнат и околните балкански земји. На граѓаните на Србија, на пример, им се издадени околу 860.000 дозволи во земјите членки на ЕУ, а што изнесува околу 12 отсто од вкупното население во земјата, а граѓаните на Косово добиле околу 585.000 дозволи, што изнесува околу 32 проценти од косовското население. Со нешто повеќе од 2,8 милиони население, посебно е интересен примерот на Албанија, за чии граѓани се издадени повеќе од 1.700.000 дозволи во ЕУ.

Актуелните проценки на Европската комисија зборуваат за тоа дека недостигот од разботна сила во ЕУ ќе продолжи да се зголемува напоредно со стареењето и намалувањето на обемот на работноспособното население во ЕУ-членките. Имајќи го предвид таквиот развој, како што неодамна истакна еврокомесарката за внатрешни прашања, Илва Јохансон, „потребни ни се повеќе патишта за да дојдат луѓе кои можат да придонесат за раст на нашата економија“.

Во 2020 година околу 22 милиони луѓе од разни земји надвор од ЕУ биле населени во Унијата, а што одговара на 4,9 проценти од нејзиното вкупно население. На годишно ниво на подрачјето на Унијата се вселуваат околу 3 милиони мигранти преку легални патишта. Имиграцијата на работници станува сé поважно европско прашање во однос на задоволувањето на потребите на пазарот на трудот на ЕУ, во услови кога мобилноста на домашната работна сила не е доволна. Но потребите од забрзување на пополнувањето на слободните работни места во повеќе бранши и сектори со мигрирање и привлекување на работна сила надвор од ЕУ, моментно е отежнато поради долгите и компликувани процеси за издавање работни дозволи, како и различните бирократски барања и правила во одделни земји-членки.

Европската комисија, долгорочно гледано, сака пред сé да се фокусира на привлекување работна сила во сектори каде што се чувствува значен недостиг, како, на пример, во рамки на здравствениот систем. Тоа што здравствените системи на балканските земји, вклучувајќи ја и Македонија, напоредно со иселеувањето кон ЕУ се празнат од специјализирани кадри, Европската комисија, се разбира, не го гледа како сопствен проблем. Брисел, како што неодамна беше објавено, сака да привлече и повеќе млади мигранти, и да го поттикне основањето на инопвативни претпријатија, посебно во технологијата.

Како пример може да се наведе шведскиот автомобилски концерн „Волво“, кој во фабриките кај Гетеборг има голема потреба од експертиза, меѓу другото за унапредување на техниката за акумулатори и софтвери за електрични автомобили. Компетнцијата во оваа област, која моментно ја има во Шведска, не е доволна. Затоа се бараат експерти од целиот свет. Но едновремено во бирократските лавиринти на шведскиот Миграциски завод повеќе од четири месеци за решавање чекаат 160 предмети за доселенички визи и работни дозволи за висококвалификувани лица што конкурираат за споменатите работни места. Бирократската инертност е често напорна и здодевна приказна. Но не се само инжинери што недостасуваат. Во шведските хотели и угостителки објекти владее голем недостиг од различни квалификации, пред сé готвачи. Градежните фирми исто така мака мачат за да не ја задоцнат реализацијата на своите проекти, постојано во трка со пополнување на испразнетите работни места.

Доселувањето на мигранти е најзначајниот фактор што влијае на порастот на наслението и економската динамика во ЕУ. Без прилив на нови мигранти населението на Унијата значајно би се намалувало. Порастот на мигранти во ЕУ во целина во последните две децении бил пет пати поголем од бројките што произлегуваат од разликата на родени и умрени.

Таквиот развој веројатно ќе биде незапирлив и во иднина. Како земја со мало население, Македонија несомнено значајно придонесува кон таквите демографски процеси. Поради сиромаштијата и тешките животни услови, невработеноста, ниските плати, длабоката поларизација во општеството, партизираноста на сите нивоа и нефункционалните институции, многумина македонски граѓани продолжуваат излезот да го бараат во странство. ЕУ е тоа посакувано „странство“, што се наоѓа најблиску.

 

Ивица Челиковиќ

Back to top button
Close