(ВИДЕО) „Прекин на огнот во Газа и преговори со Палестинците се можни само по поразот на Хамас“ – вели израелската амбасадорка за „360 степени“

Во интервјуто за „360 степени“ снимено во Скопје, само еден ден пред пресудата на Меѓународниот суд на правдата во која на Израел му беше наложено да превенира акти на геноцид во Газа, но не и да ја запре војната, израелската амбасадорка Симона Френкел ја соочивме токму со овој критичен аспект на израелската воена операција – прашањето на недолжните цивилни жртви во изминатите три месеци

Нејзиниот одговор беше дека немаат ништо против палестинското население, туку дека израелските одбранбени сили ги таргетираат само терористите на Хамас, притоа тврдејќи дека се преземаат сите можни мерки за да се спречат жртви меѓу цивилите

„Не ми се допаѓа фразата ‘колатерална штета’, сметам дека е погрешна, зашто кога зборувате за цивили, зборувате за луѓе, но, знаете, кога дејствувате во многу густо населена област во која луѓе, невини цивили се користат како човечки штит, многу е тешко да се спречат такви случаи, иако израелските одбранбени сили користат најдобри можни мерки за тоа да го спречат. Немаме ништо против палестинското население, наша цел се само терористите на Хамас“, вели нерезидентната израелска амбасадорка која земјава ја покрива од Ерусалим

360°: Амбасадорке, вие сте овде во Скопје заради Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, кога низ целиот свет се одбележува комеморација на жртвите на Холокаустот. Пред повеќе од 80 години овде ја изгубивме речиси целата еврејска заедница. Од оваа историска перспектива, како гледате на актуелните израелско-македонски односи?

Симона Френкел: „Односите меѓу Израел и Северна Македонија се многу добри. Пред речиси 30 години ја признавме Северна Македонија и оттогаш, постојано, имаме добри односи и знаеме дека вообичаено Северна Македонија го поддржува Израел и ние ја поддржуваме Македонија, исто така, и во нејзините напори да влезе во ЕУ, се надеваме што е можно побрзо.“

„Нашата намера не е да ја окупираме Газа, ниту, пак, да имаме контрола врз тамошното население“, вели амбасадорката Френкел за „360 степени“

360°: Кога зборуваме за израелско-македонските релации – дали фактот што во ОН Северна Македонија гласаше „за“ итен прекин на борбите во Газа станува товар за односите меѓу двете земји?

Симона Френкел: „Не, не мислам така. Понекогаш постојат несогласувања меѓу пријателски држави и ова е случајот со Северна Македонија. Вчера се сретнав со министерот Бујар Османи и знам дека Северна Македонија целосно го поддржува Израел.“

360°: Што очекувавте од македонските власти во конкретниот случај – гласањето за резолуцијата на ОН во декември минатата година?

Симона Френкел: „Од Македонија и од останатите пријателски земји очекуваме да разберат дека итен прекин на огнот не е решение за она што сега се случува во Појасот Газа. Постапките на Израел се за да се симне власта на Хамас во Газа и да се уништат воените капацитети на Хамас. Знаеме дека штом тоа ќе се случи – нашата намера не е да ја окупираме Газа, ниту, пак, да имаме контрола врз тамошното население.“

360°: Вашата земја во моментов е во војна со Хамас – нешто што беше иницирано со крвопролевањето на 7 октомври. Но, по 3 месеци, со секој изминат ден, повиците за прекин на огнот стануваат сè посилни и посилни. Израел е обвинет за екстремна употреба на сила што резултираше со многу мртви, многу од нив цивили. Некои дури тврдат дека според меѓународното право ова не е случај на валиден акт на самоодбрана на Израел.

Симона Френкел: „Не знам кои се тие ‘некои’ кои ги цитирате, но она што можам да го кажам е дека Израел, во овој период, постапува во многу густо населена област. Пред почетокот на воените операции Израел ги повика сите невини цивили во Газа да заминат во сигурна област на југот на Газа, каде, како што кажавме, никој нема да биде повреден. За жал, Хамас не им дозволи на повеќето цивили да заминат таму, Хамас го користи цивилното население во Газа како човечки штит, тие градат тунели под болници и училишта, користат градинки како магацини за оружје и муниција, Хамас дејствува од болници од каде што ги напаѓа израелските одбранбени сили.“

Френкел вели дека не ѝ се допаѓа фразата „колатерална штета“ за цивилните жртви во Газа

360°: Јасно ми е дека не сте воено лице, туку амбасадорка, но клучното прашање кое бара одговор е кога ќе завршат операциите на израелските одбранбени сили во Газа? Изгледа дека Израел ја губи поддршката од меѓународната заедница поради фактот што голем дел од жртвите во борбите се цивили. Значи, моето прашање е кога ќе очекувате да завршат воените операции?

Симона Френкел: „Очекувам воените операции да завршат штом ќе утврдиме дека Хамас ги изгубил своите воени можности и дека веќе нема да може да владее во Газа. Исто така, примарна цел на оваа операција е да се ослободат 132 заложници кои сè уште се во заробеништво, при што човековите или правата како заложници им се ускратени, немаат право на посети, Хамас не им дава лекови или медицинска помош. Знаеме дека некои од нив се унаказени и затоа тоа е нашата прва цел – да ги ослободиме овие 132 заложници кои сè уште се во заробеништво на Хамас.“

360°: Дали во тој процес на ослободување на заложниците цивилите стануваат колатерална штета?

Симона Френкел: „Не ми се допаѓа фразата ‘колатерална штета’, сметам дека е погрешна, зашто кога зборувате за цивили, зборувате за луѓе, но, знаете, кога дејствувате во многу густо населена област во која луѓе, невини цивили се користат како човечки штит, многу е тешко да се спречат такви случаи, иако израелските одбранбени сили користат најдобри можни мерки за тоа да го спречат. Немаме ништо против палестинското население, наша цел се само терористите на Хамас.“  

360°: Да речеме дека Хамас е поразен во блиска иднина. Дали мислите дека тоа конечно ќе донесе мир во регионот меѓу Израел и Палестинците? Зошто решението за две држави го отфрла Израел?

Симона Френкел: „Мислам дека за секое можно решение треба да се разговара по поразот на Хамас и ослободувањето на заложниците. Мислам дека сè може да се стави на преговарачка маса, но само откако борбите ќе завршат ќе можеме да разговараме за какво било решение.“

Извор