Германски „Volkswagen“ ги „притиска“ постарите работници за да ги намали трошоците

Германскиот производител на автомобили „Volkswagen“ ќе ја прошири својата шема за работа со скратено работно време за постарите работници и ќе понуди пакети за бенефиции за предвремено пензионирање како дел од својата програма за намалување на трошоците, пренесува агенцијата DPA повикувајчи се на интерен корпорациски допис во кој имала увид.

Покрај вработените родени 1967 година, за кои неодамна стана достапна шемата за скратено работно време, рокот за вклучување во шемата ќе биде пролонгиран и на оние родени 1965 и 1966 година, за кои веќе беа достапни слични шеми. Обезбедени се и бенефиции доколку работниците одлучат да се пензионираат предвреме.

Портпаролот на „Volkswagen“ ги потврди за DPA таквите планови.

Автомобилската групација продолжува со својата програма за реструктуирање на целен начин и постигна договор со работничкиот совет за намалување на трошоците за персоналот во администрацијата за 20 отсто до 2026 година, вели шефот на одделот за човечки ресурси на компанијата Гунар Килијан.

Кастрењата се дел од напорите за ефикасност, кои концернот ги најави минатата 2023 година. Во декември, „Volkswagen“ ги договори главните точки од програмата претставниците на работниците, вклучително и дека ќе се избегнат принудните отпуштања.

Од „Volkswagen“ досега не наведоа конкретен број работни места што треба да се укинат, објаснувајќи дека проблемот е во расходите, а не во бројот на вработени.