Фото: Пекселс

Би-би-си

Меѓународниот ден за подигање на свеста за Даунов синдром (ДС) е 21 март. Овој ден Обединетите нации го одбележуваат од 2012 година. Се паѓа на 21-виот ден од третиот месец во годината за „да укаже на уникатноста на трипликацијата (трисомија) на 21-от хромозом што предизвикува Даунов синдром. Темата за оваа година е „Крај на стереотипите“. Нејзината цел е да се бори против постоечките идеи за луѓето со Даунов синдром, што би можеле да бидат или што би можеле да работат.
Даунов синдром значи дека личноста е родена со дополнителен хромозом. Оваа генетска состојба обично влијае на способностите за учење и физичките карактеристики на една личност. Тоа не е болест, заболување или состојба со која некој може да се зарази. Даунов синдром се јавува природно и нема позната причина за тоа.

Лица со Даунов синдром има на сите делови на планетата. Според организаторите на Светскиот ден на Даунов синдром, едно на секои 800 бебиња ќе ја има оваа состојба.

Постојат три вида: трисомија 21 (кој е најчест тип – каде што има три копии од 21-от хромозом), транслокација и мозаицизам.

Синдромот го добил името по д-р Џон Лангдон Даун, кој прв го категоризирал.

Физичките знаци вклучуваат: сплоснато лице, особено коренот на носот, очи во облик на бадем искосени нагоре, краток врат, пониска висина кај деца и возрасни.

Овој синдром не може да се лекува. Може да се делува врз основа на физичките и интелектуалните потреби, силата и ограничувањата на секој човек. Соодветниот пристап до здравствената заштита, програмите за рана интервенција и инклузивното образование, како и соодветното истражување, се клучни за растот и развојот на поединецот, велат од ОН.

Квалитетот на животот на луѓето со Даунов синдром може да се подобри со задоволување на нивните здравствени потреби. Ова може да вклучува редовни контроли со медицински професионалци за следење на менталното и физичкото здравје и обезбедување навремени интервенции како што се физиотерапија, работна терапија, логопед, советување или специјална едукација, објаснуваат експертите. Ова го подобрува нивното учество во општеството и нивниот личен потенцијал.

Многумина од лицата со Даунов синдром успеваат да живеат добро, одат во редовни училишта и работат. Лица со Даунов синдром успеваат да обезбедат истакнати работни места, како што е Мар Галцеран во Шпанија, која е избран член на регионалното собрание на Валенсија на истокот на земјата.
Ели Голдстајн влезе во историјата како прва манекенка со Даунов синдром која ја краси насловната страница на магазинот „Вог“. Хајди Кроутер е британска активистка за попреченост која има Даунов синдром и го оспорува законодавството кое дозволува фетусите со оваа состојба да бидат абортирани.