Искрена животна приказна на Оливера Станковска, пејачка, композиторка, музичарка од Гевгелија: Родена сум во Белград како Верица Недиќ, но не сум ги запознала моите биолошки родители – својот живот тажно-среќно го живеам во Македонија, во градот на смоквите   

5290

Што работи и каде е денес Оливера Станковска, која заедно со Марга Весковска, Тања Станковиќ, Жаклина Стефковска, Славка Младеновска, Лена Трајковска, Данијела Панчетовиќ, Цветанка Ласкова…. е една од ретките вонсериски пејачки на забавна, но и на народна музика во Македонија. Со Оливера се познаваме четири децении, но признавам дека и јас бев изненаден кога Оливера, специјално за весникот „Вечер“ откри многу интересни работи од својот живот кои досега не ми беа познати ниту мене, ниту на пошироката јавност. Но, да тргнеме со ред.

Оливера, иако си долго на сцената, ретки се твоите интервјуа во медиумите

-Драго ми е што имам чест да разговарам за весникот ВЕЧЕР.  Не знам зошто, но никој повеќе од 20 години не се сети од новинарите да ме повика и да ме праша што работам сега? Дали поради тоа што сум од внатрешноста, дали поради нешто друго и мене не ми е јасно?

Кога почнував со свирење и пеење, мои идоли ми беа Даворин Поповиќ, пејачот од групата „Индекси“, Оливера Катарина или Вучо како што и беше поранешното презиме, позната по хитот „Џелем, џелем“, како и Јадранка Стојаковиќ, кантавторката од Сарево. Но, никогаш не сакав да ги копирам. Настојував да си изградам свој стил на пеење, во што мислам дека и успеав. Главен „виновник“ што пишувам песни е мојата душа. Јас сум во суштина тажно-среќна жена! Ме допира мојата судбина, но ме допираат и судбините на другите, сите неправди и лоши работи што се случуваат околу мене и во светот. Не можам да гледам луѓе без насмевка, без среќа и оптимизам во себе. За жал, во последно време ги има сè повеќе. Човекот како битие сè уште не разбрал дека е  гостин на овој свет, дека сето ова е некое наше минување.  Сите сме и губитници и добитници во исто време, а мислам дека само сомилоста еден кон друг може да го спаси светот.

Каде си родена, и како ти поминаа детството и тинејџерските денови?

-Родена сум во Белград, на 1 април 1963 година, а потоа оставена во општина Врачар, во Домот за деца без родители. Подоцна бев посвоена од моите сега веќе починати родители, Петко и Ѓурѓа Станкови од Гевгелија, кои ме изгледаа и ми го покажаа вистинскиот пат во животот, на што сум им вечно благодарна. Јас сум всушност родена како Верица Недиќ.  Но никогаш не сум ги запознала моите биолошки родители, ниту чувствував таква потреба. Сега е веќе доцна да ги барам, но се надевам, дека во текот на нивниот живот барем малку помислувале на мене. Мојата биолошка мајка можеби понекогаш  шепотела молитва за едно мало дете кое го родила и го дала во Дом.

Моите најубави детски денови, додека не наполнив осум години,  ги поминав во село Милетково, Гевгелиско, во куќата на моите родители, а која се наоѓа под селската црква „Света Петка“(која е и моја заштитничка), играјќи безгрижно со моите другарчиња. Кога дојде време да тргнам на училиште, со моите се преселивме во Гевгелија. Учев во училиштето „Владо Кантарџиев“. Морам да признам дека школото не ми одеше така лесно, како што подоцна ми одеше  со музиката.

По завршувањето на осмолетката, сакав да се запишам во Средното музичко училиште во Скопје, но поради една голема тинејџерска љубов, завршив во Неготино. Помеѓу љубовта и музичкото училиште јас ја одбрав љубовта и, за жал, погрешив. Наместо да сум денес едуциран музичар, завршив средно училиште, електротехничка насока. Морав во текот на мојата музичка кариера да се потпирам единствено на мојата дарба за пеење и свирење, како слухист.

Кога го завршив средното, моите ми рекоа, толку можеме, повеќе средства за студирање немаме, и отсега натаму, снаоѓај се самата.  И, од млада возраст јас, принудно, тргнав по трнливиот музички пат, што би се рекло, „трбухом за крухом“ .

 Како дојде во контакт со музиката?

-Уште во основно имав добар другар кој  свиреше на вистинско бенџо. За време на големите одмори, јас скришно му го земав и се обидував да го имитирам во свирењето. Еден ден татко ми ми купи мандолина. Тоа ми се чини беше најсреќен ден во мојот живот. На враќање кон дома, не знам дали трчав или летав. Станав член на мандолинскиот оркестар, а учителот Перо Стратов, со прекар Адаџо, не можеше да се изначуди како јас не ги знам нотите, бидејќи по слух свирев беспрекорно и точно во самиот ритам.

Првата гитара ми ја купи мајка ми. Од постарите другари, гледајќи ги како свират, ги учев првите дурови и молови и до бесвест ги повторував во мојата мала соба, а притоа и пеев. Моите дома поима немаа дека јас свирам и пеам. Кога поднаучив малку повеќе да свирам, сакав да формирам своја група, но не можев да најдам „истомисленици“, бидејќи бев една од ретките девојки кои свиреа гитара. Уште тогаш ја почувствував родовата нерамноправност (се смее, н.з).

Кажи ми нешто за твојата прва песна и за првиот настап?

-Во 1985, напишав музика и аранжман за мојата песна „Осамена“, која наредната година беше примена на првиот фестивал „Макфест 1986“.  Најпрво оваа песна ја однесов во тогашната РТВ Скопје, денешната Македонска Радио-телевизија. Од касета  ја слушна Благоја Чешларов.  Ми кажа дека имам убав глас, дека „Осамена“ аранжерски е „катастрофа“.  Ми понуди да отпеам друга песна, една од Миодраг Божиновски и да настапам на „Опатискиот фестивал“. За жал, таа беше во многу висок тоналитет, и јас не можев да ја отпеам. Така „Опатија“ за мене остана пуста желба.

Кога се вратив во Гевгелија ги замолив членовите на „Зијан“ да го направат аранжманот и заедно во студијата на МРТ да ја снимиме „Осамена“. Помнам дека доцневме на снимањето во студио. Љупчо нè прекори дека само ѕвездите можат да доцнат, но кога ја слушна песната, ми кажа дека сум била голем талент. На „Макфест 86“ добро беше што се пееше на плејбек, бидејќи имав голема трема. Првпат настапив на еден фестивал. Добив неподелени пофалби од  музичките новинари, но не влегов во финале. Финалист беше Тања Кочовска. Се најдобро за неа, но според мене, како дебитант, требаше да ми се даде шанса и мене, и двете да бидеме финалисти. Тоа не им го заборавив, па затоа на „Макфест“ настапив повторно дури по 10 години со песната „Животот е лага“. Но, пак не бев задоволна, бидејќи аранжманот беше заникаде.

Морам да истакнам дека од аранжманот многу зависи како една песна ќе изгледа. Јас немав среќа моите песни да бидат „облечени“ во аранжман кој јас го сакав, па затоа многу од нив не најдоа начин да се допаднат на публиката. Коце од „Зијан“ еднаш ми кажа дека моите песни го немаат оној аранжерски „Х“ фактор. Јас најпрво се навредив, но откако добро размислив, видов дека човекот бил во право. Од тогаш за 90 насто од песните јас им кажував на аранжерите како сакам да изгледа аранжманот.

Како влезе во фолк водите?

-Вратата во фолк музиката ми ја отвори, сега веќе починатиот,но и легендарниот Пепи Бафтировски. Со него случајно се запознав во бифето на Македонската радио телевизија. Јас му дадов моја касета со повеќе демо-снимки и нему многу му се допадна песната „Сè ми земаш животе“, која интересно беше забавна. Јас таа песна ја напишав за Ѓоко Ѓорчев, но Ѓорчев ја одби. Не му се допадна песната. Потоа го сменив аранжманот, од забавен во фолк. Пепи ја зеде песната и со неа настапи на „Песна на летото 1995“ во Охрид. Победивме според гласовите од стручното жири. Мислам дека тоа е мојата најомилена песна, бидејќи во неа го опеав целиот мој досегашен живот, а по сè‘ изгледа и Пепи се нашол во неа и затоа донесе одлука да ја пее. Уште поинтересно е што првата песна што ја напишав, кога „преминав“ од забавни во фолк-води ми ја откупи Благица Павловска. И што е уште поинтересно, до ден-денес не е испеана и не е ставена на носач на звук. Се надевам дека Благица ќе се сети и можеби во скоро време и оваа песна ќе биде снимена.

Во народната музика имам соработувано со голем број наши популарни интерпретатори: Виолета Митева, Ленче и Горан Кукиќ, Арнаудов, Пепи Бафтировски, групата „Ќејф“, Јулија, Васил Ангов и многу други….

Колку песни имаш создадено до сега и колку  си задоволна од тоа каков е односот на медиумите кон авторите и пејачите од внатрешноста?

-Пишував и пишувам забавни, народни и песни за деца, и до сега се реализирани околу 80 мои песни, а во песнарката имам уште 30 кои чекаат на реализација. Музиката бара многу работа, посветеност и активност. Искрено ретко сум гостувала на радиостаниците, а уште поретко ми барале интервјуа за некој весник, и не знам зошто е тоа така? А, тврдам, дека во внатрешноста, во сите градови има многу талентирани момчиња и девојки, само треба да се поддржат и да им се даде шанса. Сметат дека имаме криза и кај композиторите и кај новинарите. Денешните автори имитираат она што се создава во странство, и не се држат до оној препознатлив наш, македонски стил во музиката, кој е близок на оној медитеранскиот, кој го негува така успешно еден Драган Мијалковски, порано и Јанко Узунов.                                         Денешните медиуми се приказна самата за себе. Доволно е да настапиш во „Ѕвездите на Гранд“ и веднаш добиваш на важноста во радио и ТВ емисии, сите за тебе пишуваат. Порано не беше така. Мораше прво пејачот да се докаже, да „созрее“, па да биде повикан да гостува на ТВ-екраните, да даде интервју.

Што планираш за во иднина?

-Еднаш музичар, секогаш музичар. Иако во моментот  сум вработена во гевгелискиот затвор, како самостоен референт, јас не се откажувам од музиката, па и кога до година ќе заминам во пензија, ќе создавам и ќе свирам. Дури и да свирам на плоштади, со куферчето за бакшиш пред мене. Знаете, кога почнував бев дрска и самобендисана и затоа успеав, но кога станав повозрасна, љубовта кон луѓето и особено животните, ме променија, станав емотивец и  потрпелива.

Сега работам на една песна со гевгелиски наслов „Мижи мала“(на скопски, „жмурки“, а литературно „криенка“), а ќе ја работам со Кирил Зарлинов (Ерик Фокс од радио „Антена 5“ н.з.). Чекам  тој  да заврши  со миксање на песните од Тоше Проески, па да ја снимиме оваа песна. Имам многу нови песни и сите ќе ги снимам и аранжирам со гевгелиски музичари и продуценти:  Ѓоко Вацев, Боби Ѓошев и Кирил Зарлинов.

Имам во план да направам и целовечерен концерт, со најдобрите мои забавни и народни песни, на кој планирам да настапат повеќето од оние пејачи и групи со кои сум соработувала. Тоа им го должам, како на мојот град Гевгелија, но и на цела Македонија.  Инаку, претпремиерниот концерт планирам да биде во новиот младински дом во село Прдејци, во чест на мојот добар пријател Киро Ѓуров-Џими, кој ме мотивира да создавам и да снимам во ова време-невреме. А, јас ќе настапам, како што најмногу милувам во последно време, сама, со мојата акустична гитара. Единствено ќе бидам придружувана од  некој виолинист покрај мене. Мислам дека ќе биде тоа одличен концерт, бидејќи ние пејачите сме како виното, што сме постари, толку сме подобри.

Љубчо Алексовски