Силјановска победи во 60 општини, Пендаровски во две, Османи во 15

од Nikola Popovski

Кандидатите Гордана Силјановска – Давкова и Стево Пендаровски одат во вториот круг од претседателските избори. Силјановска – Давкова во вториот круг влегува со повеќе од двојна предност пред нејзиниот опонент, Пендаровски. Кандидатката Гордана Силјановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се заблагодари за поддршката, истакнувајќи дека без граѓаните нема горда Македонија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека ова е жолт картон за власта, а на 8-ми мај мора да следува и црвениот.

Гледано по општини, Силјановска Давкова победи во 60 општини во земјава, кандидатот на СДСМ Стево Пендаrовски освои најмногу гласови во две (Крушево и Маврово Ростуше), Бујар Османи од ДУИ во 15, а Арбен Таравари од Вреди и Максим Димитриевски од ЗНАМ во по една општина.

Резултатите од изборите не се онакви какви што очекувавме, но нема откажување, рече претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ и од коалицијата Стево Пендаровски. Истакна дека е убеден оти мнозинството граѓани во вториот круг ќе се определат за неговиот концепт за европска Македонија, а не за изолација. И лидерот на СДСМ, Ковачевски, призна дека првиот круг е тежок удар за партијата, но оти нема да се предадат, во вториот круг ќе се борат да ги убедат граѓаните да дадат поддршка за европска Македонија.

Претседателскиот кандидат на ДУИ, Османи, освои над 40 илјади гласа повеќе од неговиот опонент од албанската опозиција, Таравари. За Османи, победата на „Европскиот фронт“ е локомотива за европската иднина на земјата. Кандидатот за претседател на здружената албанска опозиција, Таравари, изјави дека разликата во гласовите не е голема. Истакна дека во сите изборни единици со мнозинско албанско население ДУИ има предност од само три до четири илјади гласови.

Кандидатот од движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, изјави дека нивните поддржувачи ја испишале новата историја на македонската политичка сцена и оти нивната партија станува трета политичка сила.

Кандидатката на „Левица“, Ванковска, верува оти авангардното население гласале за неа. Кандидатот на ГРОМ, Јакимовски, кој освои најмалку гласови од сите седуммина кандидати, го призна поразот, истакнувајќи дека не очекувал ваков исход од изборите.

Слични содржини