Битиќи: Наместо осум ќе се работи седум часа дневно, ќе се зголеми продуктивноста на работниците!

Од почетокот на наредната година ќе се воведе 35 часовно работно време во текот на неделата, за разлика од досегашното 40 часовно работно време. Вицепремиерот, Фатмир Битиќи истакна дека анализите се уште се во тек, за да се знае точно во кои сектори ќе се воведе оваа пракса. Дециден е дека како мерка ќе влијае за зголемување на продуктивноста кај работниците.

„Се уште анализата не е финална во кои сектори, но тоа што го кажуваме е дека од 1 јануари 2025 година најмалку во три сектори ќе го аплицираме за да видиме кои начините на спроведување. Тоа е практика на секаде низ ЕУ, но има веќе барање од двете страни и од работниците заради тоа што е мерка за зголемување на продуктивност, како и за подобрување на животниот стандард“ – вели Битиќи.

Од здружението „Гласен текстилец“ велат ако одлуката се воведе треба да биде во производството оти таму најмногу е потребен одмор на вработените. Претседателката, Кристина Ампева посочи дека одлуката е добра, согласувајќи се дека ќе се зголеми продуктивноста кај вработените.

„Да не биде само за јавниот и ИТ секторот, туку да биде за производството бидејќи на тие работници и е потребен одмор. Само да не биде после сабота загарантирано работна, да има намалување на плати и слично. Во спротивно оваа одлука би значела зголемена продуктивност на самите работници“ – вели Ампева.

Согласно ваквата одлука според Битиќи ќе се зголеми и бројот на вработени во државата.

Лаура Стојанова М-Нет