ОБНОВЕНА СПОМЕН-ПЛОЧАТА НА ГЕМИЏИИТЕ ВО ВЕЛЕС, ИСПРАВЕНА ДЕЦЕНИСКАТА ГРЕШКА ОТИ КИРКОВ ДВАПАТИ БЕШЕ ПИШАН НА НЕА

    ОБНОВЕНА СПОМЕН-ПЛОЧАТА НА ГЕМИЏИИТЕ ВО ВЕЛЕС, ИСПРАВЕНА ДЕЦЕНИСКАТА ГРЕШКА ОТИ КИРКОВ ДВАПАТИ БЕШЕ ПИШАН НА НЕАОва е трета спомен-плоча, со имињата на Гемиџиите, поставена пред споменикот подигнат во нивна чест. (Фото: СДК.МК)

    За 121-годишнината од Солунските атентати, локалната власт од Велес ја промени спомен- плочата поставена пред споменикот, поставен кај Мало мовче. Ова доаѓа откако СДК.МК минатата година посочи дека името на еден од Гемиџиите, Костадин Кирков, два пати е запишано на мермерната плоча. Тогаш градоначалникот Марко Колев најави дека оваа грешка, која беше присутна 13 години, ќе ја исправи.

    „Во чест и спомен на Гемиџиите денес им оддаваме почит на храбрите велешани кои го дадоа животот за Македонија. За да ги помнат идните генерации, ја обновивме оваа спомен-плоча со нивните имиња“, кажа Колев.

    Ова е трета спомен-плоча, со имињата на Гемиџиите, поставена пред споменикот подигнат во нивна чест. Првата беше со букви од месинг кои често се крадеа. Таа беше поставена на откривањето на споменикот на Гемиџиите, дело на академскиот вајар Станко Павлевски август 2002 година. Досегашната мермерна спомен плоча беше поставена април 2011 година. На споменикот цвеќе положија и членови на семејствата на Јордан Поп Јорданов и Милан Арсов.

    Општина Велес секоја година оддава почит на Солунскитe атентатори, оти повеќето од нив се велешани – Јордан Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов, Милан Арсов, Георги Богданов, додека Павел Шатев е од Кратово , Марко Бошнаков од Охрид, Цветко Трајков од Ресен. Од нив Шатев, Бошнаков, Богданов и Милан Арсов кој имал само 19 години, ги преживеале атентатите.

    Од 28 април до 1 мај 1903 година со низа атентати изведени во Солун, група на млади, повеќето велешани сакале да го свртат вниманието на европската јавност за македонското прашање. Гемиџиите успеваат да ја извршат најголемата терористичка акција во Европа на нивното време. Во воздух бил дигнат бродот Гвадалкивир, Отоманската банка, Поштата, гасната централа за струја, на пругата Солун – Истанбул, театарот „Алхамбра“ …

    По реката Вардар беше пуштен венец во спомен на младите велешки Гемиџии.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира