„Ако зборувам сега ќе има пожар“: Конфликтот на Салах и Клоп го фрли во сенка новиот кикс на Ливерпул


Ливерпул пука во рабовите. Бесниот Салах проговори по судирот со Клоп: Ќе има пожар ако…
Ливерпул се „распадна“ за само неколку натпревари, титулата најверојатно остана празен сон, а падовите во серија беа проследени денеска и со конфликт меѓу менаџерот Јирген Клоп и првата ѕвезда на тимот Мохамед Салах пред очите на целиот свет за време на натпревар со Вест Хем.

Салах неочекувано остана на клупата и доби шанса на само десет минути пред крајот, поради што беше лут, а имаше и расправија со Клоп, па мораше да го смири Дарвин Нуњез. На крајот Клоп ја „оправда“ ситуацијата, но за овој настан наголемо се зборува во британските медиуми.

Тие веднаш по натпреварот се обидоа да го запрат лутиот Салах во микс зоната, но тој не сакаше да застане. Во минување успеа да даде повеќе од јасна изјава дека „гори“ во Ливерпул.

„Ако зборувам сега ќе има пожар“, кусо прокоментира Салах.

На „црвените“ им претстојат повеќе од бурни денови, сега не толку поради лошите резултати, колку поради меѓучовечките односи.

И сето тоа во последниот месец на Клоп на Енфилд, односно необичната најава дека си заминува која ја даде среде борбата за титулата. Сигурно тоа влијаело на играчите.

На крајот на краиштата, можеби и на Салах.