Заклучно со вчера, кога истече рокот, за субвенционирано снабдување со електрична енергија по повластена цена од 1 декември се пријавиле 233 јавни основни и средни училишта од сите градови од вкупно 474-те на територијата на државата, 50 јавни претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води од вкупно 70-те, како и 235 субјекти, физички и правни лица, од областа на прехранбениот сектор.

Согласно одлуката на Владата компаниите кои вршат производство на основни прехранбени производи како масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месна и живинарска индустрија ќе добиваат субвенционирана електрична енергија преку „ЕСМ продажба“ по цена од 80 евра за мегават час, за основните и средните училишта субвенционираната цена ќе биде по 95 евра за мегават час исто како и за јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици.

-За оние кои ја искористија таа можност и се пријавија АД ЕСМ преку „ЕСМ продажба“ од 1 декември ќе почне со снабдување на трите категории на потрошувачи опфатени со одлуката на Владата за субвенционирана струја. Субјектите кои не успеале да поднесат комплетни документи до вчера, во следниот период ќе можат да го сторат тоа и ќе бидат ставени на субвенционирано снабдување од 1 јануари идната година, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека Владата останува посветена на поддршката на граѓаните и компаниите.

Министерот за економија Крешник Бектеши порача дека Министерството за економија уште од почетокот на енергетската криза е во секојдневна комуникација со бизнис секторот и врз основа на тоа, како што рече, се донесени низа мерки со цел заштита на стандардот на граѓаните и намалување на инфлацијата преку сет мерки за трговците и производителите на основните прехранбени производи.

-Обезбедивме фиксна цена на електричната енергија од 80 евра за мегават час за компаниите од прехранбениот сектор кои произведуваат основни прехранбени производи што е повеќе од двојно помалку од цената на струјата на регулираниот пазар, рече Бектеши.

Нагласи дека растот на домашните цени на храната донекаде е во согласност со ценовните движења на основните прехранбени производи на меѓународниот пазар.

-Повисоките цени на житните производи и суровото сончогледово масло се главно одраз на високиот раст на цените на житарките и суровото масло на светските берзи, рече Бектеши.

Кажа дека минатата недела имал средби со поголемите домашни производители на основни прехранбени производи и нивните групации и додаде дека кај некои производителите увозната компонента на храната има повисоко учество при формирање на цената, а кај други, пак, електричната енергија.

-Кај оние што е електричната енергија веќе се прават нови пресметки на цените според реалната состојба на трошоците, а не според фјучерсите или, пак, тоа што е предвидено како цена на електрична енергија во наредниот период, посочи Бектеши и додаде дека кај нив побрзо може да се очекува корекција, односно намалување на цените.

Порача дека некои од производителите на млеко и леб веќе почнаа да нудат производи по пониски – коригирани цени.

-Од 1 декември треба да ги видиме резултатите на пазарот на коригирани цени на основните прехранбени производи, а во следните четири месеци додека трае кризната состојба очекувам да продолжи намалувањето на нивните цени. Намалувањето за 10 отсто е реално согласно сите анализи кои се направени од страна на Министерството за економија и другите институции, истакна Бектеши.

Најави дека Државниот пазарен инспекторат во континуитет ќе врши контроли кон трговците на големо и на мало за почитување на мерката за ограничени маржи при утврдување на цените. Дополнителни контроли, како што кажа, се очекуваат од 1 декември.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски посочи дека за вкупно 518 нови субјекти АД ЕСМ преку „ЕСМ продажба“ од 1 декември ќе треба да обезбеди електрична енергија по пониски цени.

-Списокот е пратен до „ЕВН дистрибуција“ за и од нивна страна да се спроведат неопходните процедури со цел од 1 декември непречено да почне испораката на електрична енергија по цена од 80 евра за мегават час за стопанските субјекти од прехранбената индустрија и по 95 евра за училиштата и за јавните претпријатија, рече Васко Ковачевски.

Истакна дека во изминатиот период за субвенционирано снабдување со електрична енергија се пријавиле и компании за кои не се однесуваше одлуката на Владата поради што не се земени во предвид. Има, како што кажа, и такви со некомплетни пријави и додаде дека тие ќе може да ги комплетираат во наредниот период и да влезат во групата за субвенционирано снабдување од 1 јануари идната година.

-Засега немаме прецизен и дефиниран податок колкава ќе биде вкупната количина на електрична енергија која АД ЕСМ преку „ЕСМ продажба“ ќе треба да ја обезбеди за овие три категории на потрошувачи. Пресметките се прават сега и ќе се изготват во соработка со ЕВН Електродистрибуција, рече Васко Ковачевски.

За новите корисници, како што кажа, делумно ќе треба да се направи набавка на електрична енергија за што Владата ќе субвенционира средства кон ЕСМ од предвидениот буџет за енергетската криза во 2022 и 2023 година.


Администратор
24/11/2022 11:48