Катица Јанева и Стевчо Јакимовски ставени на „црната листа“ на САД

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и актуелниот градоначалник на Општина Карпош и кандидат за претседател на државата, Стевчо Јакимовски од вчера се ставени на американската „црна листа“, соопшти американскиот Стејт департмент.

Во соопштението на Стејт департментот се наведува дека Јанева во својство на нејзината поранешна функција била вмешана во коруптивни дејствија, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и службена моќ за лична корист. Според објавата на Стејт департментот, за Јанева постојат веродостојни информации за тоа дека побарала и примила поткуп за да влијае на Обвинителството под нејзина надлежност.

Во меѓувреме, за Јакимовски се наведува дека како градоначалник бил вмешан во коруптивни дејствија, односно дека ја користел службената положба да влијае во урбаниот развој на општината, во процесите за јавни набавки, со цел преку нив да прибави корист за себе и своите соработници.

По соопштението на Стејт департментот, Јакимовски најави ќе поднесе кривична пријава против непознат сторител и најави дека нема да се повлече од изборната трка. Според него, ова е акт на насилство, како и директно мешање во изборниот процес.

Инаку во соопштението на Стејт департментот се додава дека овие именувања ја потврдуваат посветеноста на САД за поддршка на владеењето на правото и зајакнување на демократските институции на целиот Балкан.

„Одделот ќе продолжи да ги користи сите достапни овластувања за промовирање на одговорност за корумпираните актери во регионот и на глобално ниво“, нагласуваат од Стејт департментот.

На 5 декември лани, на црната листа, САД го ставија и поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, а претходно на неа се најдоа и Сергеј Самсоненко, Орце Камчев, Ратка Камчева, Сашо Мијалков, Никола Груевски и Рамиз Мерко.