Search

Погледнете низ клучалките на скопските порти

Дури и градовите во кои растеме и живееме, некогаш пред нас остануваат заклучени. Брзајќи, бркајќи се со животот, зјапаме во екраните кои не хипнотизираа потполно и не ги ни забележуваме вратите и портите покрај кои поминуваме. Зафатени со себеси и со она што ни се чини животно важно, никогаш не го успоруваме чекорот покрај дрвената врата со интересен железен чук. Ретко кога ќе го подигнеме погледот кон некоја величенствена порта која крие многу приказни. Поминуваме покрај објекти кои го чуваат споменот на нивните сопственици со различни симболи. Како што кажува Итало Калвино, градот не го раскажува своето минато, туку го содржи како линија на раката, испишана во улиците, во прозорците, во гелендерите, во чукалата…

Со оваа објава ви нудиме неколку клучеви од различни порти. Колку врати, толку приказни. Кој и да ја погледне и прочита оваа објава, сигурно е дека веќе нема да минува низ Скопје незаинтересирано за малите симболи кои кријат големи приказни. И покрај брзањето, ќе застане и ќе ги погледне за да го почувствува и доживее градот и неговите тајни. Можеби, токму од овие фотографии ќе изберете дестинации за следни прошетки или можеби ваши истражувања. Го вртиме клучот во нас самите и почнуваме да ги отвораме вратите една по една.  Која од нив ќе ја искористиме и во која комора ќе зачекориме, тоа е наш избор. Клучот, значи, е свртен во нас самите и вратите почнуваат да се отвораат една по друга.

Под Мустафа-пашината џамија во Скопје, можете да најдете две значајни османлиски градби со жолта фасада: старата османлиска пошта и вилаетскиот конак „Уќумат“.

Старата османлиска пошта

Оваа градба е изградена кон крајот на XIX век и е споменик на културата во Скопје.

При изградбата, била првата османлиска телеграфана во градот.

Првобитно имала правоаголна основа со приземје и кат, а подоцна добила дополнителен кат. Земјотресот од 1963 година предизвикал оштетувања, што било причина за реконструкција и отстранување на дополнителниот кат.

Вилаетскиот конак „Уќумат” или административната зграда на Рубин Кармин подоцна

Изграден кон крајот на XIX век, овој конак служел како седиште на највисоката вилаетска управа во периодот од 1888 до 1912 година.

Во истиот период, конакот го користела и печатницата на косовскиот вилает, која била преместена од Приштина.

Зградата била оштетена во земјотресот од 1963 година, но потоа е реконструирана и била објект на Рубин Кармин до 2018 година.

Архитектурно, следи исламски стил со правоаголна основа составена од приземје и кат.

Овие две градби не само што се архитектонски значајни, туку и чуваат спомени од османлиско време и историјата на Скопје.

Хотел Вакувски Хан

Изграден во 1909 година, бил меѓу првите хотели изграден во Скопје. Се наоѓа на улица „Лазар Танев“ под црквата Свети Спас.

Порано на приземјето била сместена свеќоливницата на Митрополија, сега Заводот за заштита на споменци го користи просторот.

Горниот кат се користи за семејно домување.

Капан – ан

Денес анот го доживуваме повеќе како урбан простор отколку објект. Но, неговиот отворен карактер воопшто не бил присутен во минатото кога тој имал функција да обезбеди заштита и престој на далечните трговци кои доаѓале во Скопје.

Капан ан е од типот на големи караван-сараи, исто како Куршумли и Сули Ан. Тие служеле како ноќевалишта и биле распоредени по должина на главните трговски патишта.

Ановите честопати биле градени во близина на амам и џамија, формирајќи ги т.н османлиски урбани тројки.

Капан ан ја задржал својата оригинална намена се до Втората светска војна. Низ тие пет века тој добил низа преправки и реконструкции поради кој е тешко да ја детерминираме неговата оригинална форма.

Во земјотрест во 1963г. објектот претпува големи оштетувања и се претвара во руина. Така се до 1971г. кога се пристапува кон неговата обнова која траела две години.

Најново

Последни колумни