Онлајн наставата не се одржува и се негира правото на образование на децата од ризични семејства!

Веќе е петтиот ден од училишната година, а онлајн наставата не функционира. Часовите не се закажуваат, календарите се полни со настава од минатата година, се одржуваат 1-2 онлајн часови од вкупни 6-7, наставниците не се приклучуваат, задачите не се прикачуваат… (се разбира – чест на исклучоци!)

Децата кои се онлајн се оставени сами на себе, а за тоа никој не зборува!

Што треба да се направи за да се подобри состојбата? Да се вклучи компјутерот и да се поврзе на интернет! Не е тешко, минатата година сите го правеа тоа, секој училишен ден. Но, тогаш за секој пропуштен час реагираа сите родители – сега со по неколку деца (понекогаш и едно) во одделенијата/класовите нивниот глас не се слуша.

Технологијата ни дава можност да останеме поврзани, поефективни во работата и да ги дигитализираме податоците, а нели кон тоа се движат реформите – електронски учебници, електронски дневници… Како во истата ситуација се игнорира алатката која минатата година функционираше беспрекорно? Сакаме да одиме напред или да се вратиме назад?

На пазарот на трудот, во интелектуалната сфера, дигитализацијата зема голем замав. Голем дел од вработените работат од дома и ги извршуваат обврските подеднакво добро и совесно, па дури и подобро, затоа што се поопуштени и во домашна средина.

Зошто не може да биде исто и со училиштето? Претпоставката дека тој што седи дома ужива и следи настава од кревет со пуканки е навредлива. Тоа би било исто како да кажеме дека сите ученици спијат на клупите или мислите им се кој знае каде (секако надвор од училницата) додека наставниците предаваат.

Треба да им се даде доверба и шанса на децата кои се онлајн, наместо да бидат занемарени. Се разбира, не е лесно ниту да се седи во училница со маска. Но, да не заборавиме дека изборот за онлајн наставата беше даден и дека треба да се почитува.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *