Седницата, која беше прекината откако една советничка од ВМРО-ДПМНЕ си поднесе оставка, беше напната, а политичките противници меѓусебно се обвинуваа дека ја користат трагедијата со пожарот за да заработат политички поени
Општина Кочани денеска избира нов в.д. градоначалник откако градоначалникот на градот Љупчо Папазов заврши во притвор како осомничен за трагичниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“, а во кој животот го загубија 61 лице. За в.д. градоначалник има двајца кандидати. Едниот е независен – Венко Крстевски, а другиот е предлог на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ – Гоце Марков.

Седницата, која беше прекината откако една советничка од ВМРО-ДПМНЕ си поднесе оставка, беше напната, а политичките противници меѓусебно се обвинуваа дека ја користат трагедијата со пожарот за да заработат политички поени.
Независниот кандидат Венко Крстевски од говорницата порача дека подава рака на обединување.

„Се кандидирам за да не се блокира работата на градот. Подавам рака на обединување, да спроведеме сè што не е спроведено. Градот е во незавидна позиција, да внесеме енергија за излез од апатијата на граѓаните“,
рече Крстевски.
Советникот Мирче Стојков од ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше Крстевски нагласувајќи дека немал високо образование.

„Сите со консензус се согласивме дека не смее да биде Венко. Кочани не бил потажен, треба да ги залечиме раните. После кобната несреќа, кога партиите престанаа со препукување за да се обединиме и да не влијаеме, Венко само мудрува како експерт, полицаец, судија, обвинител. Се однесува како еден поранешен премиер од Будимпешта. Нема високо образование и затоа Гоце Марков е наш предлог. Хуман и човечен, реагира смирено во кризни ситуации“,
изјави Стојков.
Ивица Лазаров, советник од редовите на СДСМ, порача дека политиката во Кочани е завршена.

„Градот е мртов, сите сме мртви… вие овде почнавте со политика. Со кое лице барате градоначалник, ние сега бараме техничко лице. Само едно барање имаме – да се разгледа колку средства имаме да им се помогне на семејствата на настраданите“,
посочи Лазаров.
Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Гоце Марков, истакна дека ја бара поддршката од советниците за да го задржи пулсот на градот.

„Немав намера да излегувам денес, требаше да биде заедничка акција за рехабилитација. Кобната вечер бев на самото место, за сите нас остави неизбришливи траги. Оваа доверба не ја барам за самопромоција, туку да го задржиме пулсот на градот. Да ја изнесеме цела зла крв од нас. Јас сум одговорен човек, времето за политика е завршено. Прва точка ми е поддршка за семејства, второ аплицирање за локални проекти, трето депонијата и четврто – стабилна општина“,
порача Марков.
Советничката Кристина Атанасова од ВМРО-ДПМНЕ, чиешто дете е меѓу повредените во пожарот и сè уште се лекува во болница, низ солзи од говорницата поднесе оставка од местото член на Советот.

„Јас во оваа прилика сакам да ја доставам мојата оставка за советник до претседателот на Советот. Ова е страшно недостојно и понижувачки за мене и за сите кои ме гласале. Оние што не ме знаат можат да ме критикуваат, а оние што ме знаат ќе знаат зошто го правам тоа. Јас во иднина ќе се посветам на моето дете кое е повредено и на сите деца кои се повредени. Сите идеали на овој свет не вредат колку солзите на едно дете“,
порача таа по што Советот направи пауза бидејќи речиси сите присутни беа во солзи.