Македонија
Левицата предложи 18 месеци платено породилно отсуство: Овој закон ќе ја подобри положбата на мајките и семејството и ќе создаде темели за решавање на најголемите демографски проблеми

„Во време кога Македонија се соочува со сериозна демографска криза, Левица предложи нов закон за 18 месеци платено породилно отсуство, кој е директен одговор на потребите на младите родители и семејства. Овој закон не само што ќе ја подобри положбата на мајките и семејството, туку ќе создаде темели за решавање на најголемите демографски проблеми кои го засегаат општеството. Во светот и Европа, долгото платено породилно отсуство е веќе утврдена практика, а Македонија има можност да го следи примерот на успешните земји и да инвестира во иднината на своите најмлади“, велат од партијата Левица.
„Историските податоци за наталитетот во Македонија покажуваат алармантен пад на бројот на новороденчиња во последните три децении. Според податоците од Заводот за статистика на Македонија, бројот на новороденчиња постојано опаѓа, а во 2023 година беше забележан пад на бројот на новороденчиња на 22.759, што е значителен пад во споредба со 35.000 новороденчиња во 1991 година. Овој пад не е само бројка на хартија – тоа е аларм за општеството и за Владата, кој бара сериозни интервенции и стратегии. Овој пад кој изнесува над 30% за нецели 30 години е сериозен показател за демографските промени кои се случуваат во земјата.
Дополнително, ако се погледне индексот на природен прираст, во последните години, Македонија се соочува со негативен природен прираст, што значи дека бројот на смртни случаи ја надминува бројката на новороденчиња. Во 2022 година, бројот на смртни случаи бил 32.700, што доведува до значителен пад на вкупното население. Овој тренд е загрижувачки и ја нагласува потребата од сериозни мерки за поддршка на семејствата и мајките.
Земјите со успешни демографски политики, како што се Шведска и Финска, веќе долго време применуваат долготрајно породилно отсуство, а Македонија има можност да го следи нивниот пример. Примената на 18 месеци платено породилно отсуство во овие земји има позитивни ефекти не само на здравјето на мајките и децата, туку и на економската стабилност на семејствата, што е суштински фактор за раст на наталитетот.
Жените во Македонија сочинуваат 40% од вкупното население, но поради семејните обврски се подложени на дискриминација. Младите жени често се соочуваат со одбивање од страна на работодавачот поради страв од трошоци за породилно отсуство. Мајките, пак, кои не се вработени или работат неформално немаат право на финансиска поддршка и породилно отсуство. Македонија дури и заостанува зад Србија и Бугарија во времетрање на породилното отсуство. Ова е суштинско право кое државата мора да го оствари.
Мајките и децата не се само статистика или бројки во економските извештаи. Левица со овој законски предлог покажува дека разбирањето на потребите на мајките е клучно за една држава. Предлог-законот на Левица за продолжување на породилното отсуство на 18 месеци носи важна социјална реформа, која има за цел да обезбеди поголема поддршка за родителите и да им помогне да се посветат на воспитувањето на своето дете.
Македонија може да стане модел на поддршка на мајките и младите семејства, следејќи го примерот на европските земји кои веќе го применуваат долготрајното породилно и родителско отсуство. Со усвојување на предлог – законот на Левица државата ќе покаже дека вложувањето во демографијата и родителството е клучно за создавање на здраво и перспективно општество. Поддршката за овој предлог од пратениците во Собранието на Република Македонија би била важен чекор кон поголема социјална правичност и еднаквост, како и поддршка за семејствата“, соопшти партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Коридорот 8 е национален приоритет за Бугарија, велат од бугарското министерство за транспорт

Министерството за транспорт и врски не ја одложи изградбата на пругата кон Република Северна Македонија, се истакнува во информацијата на ова министерство која ја пренесуваат бугарските медиуми.
Министерството за транспорт и врски со години работи на развој на Коридорот 8, кој го поврзува Јадранското Море со Црното Море преку Албанија, Република Северна Македонија и Бугарија, се нагласува во информацијата.
„Од вкупно 1.220 километри железница, повеќе од половина од нејзината должина – 747 километри – е на територијата на Република Бугарија. Од нив останува да се изградат само 2,5 километри железничка пруга – од Гуешево до Деве Баир (границата со Република Северна Македонија)“, информираат од бугарското министерството за транспорт, пренесува БГНЕС.
Делницата, како што велат е финансирана во рамките на Програмата „Транспортно поврзување“ 2021 – 2027 година и ќе биде завршена во планираниот период од 2029 година. За споредба, делот што недостасува од територијата на РСМ е приближно 70 километри.
„Медиумска шпекулација е тврдењето дека нашата земја ја одложи модернизацијата на бугарската делница. Железничката линија Радомир – Ѓуешево е во функција и по завршувањето на делницата од Ѓуешево до Деве Баир долга 2,5 километри ќе може да се приклучи на мрежата на операторот ПЦМ преку прекуграничен тунел. Исто така, NKŽI го нарача дизајнот на рехабилитација на целата делница за брзини до 160 km. Овој проект е финансиран и од Програмата за транспортна поврзаност 2021 – 2027 година.
На 15 јануари 2025 г. согласно утврдената процедура, Бугарија ѝ предаде на Република Северна Македонија нацрт-договор за прекуграничен железнички тунел со Република Северна Македонија, во кој се претпоставува дека страните имаат заедничка цел – изградба на прекуграничен железнички тунел меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во граничната област, вклучително и преку спроведување на јавна набавка за изградба и надзор на изградбата на тунелот од страна на една од договорните страни и напорите за обезбедување грант помош за негова изградба, бидејќи изградениот објект треба да ги исполнува барањата на ЕУ и НАТО за ваков тип на инфраструктура. До денес нема официјален одговор од РСМ, наведуваат во својот став од бугарското Министерство.
Македонија
ДОМ: Кривична одговорност за еколошката хаварија на Крива Река

Политичката парија ДОМ го повикува Обвинителството да покрене кривична пријава за денешното загадување на Крива Река поради испуштање на енормно количество јаловина со тешки метали и хемикалии од рудникот Тораница и помор на рибниот фонд долж сливот кон Пчиња и Вардар.
Согласно кривичниот закон ваквото загадување на животната средина претставува тешко кривично дело против природата и животната средина каде се предвидени затворски казни над 10 години за одговорните лица во правното лице, оценуваат од партијата.
Министерството за животна средина и Обвинителството, како што велат, треба да ги превземат сите дејствија во нивна надлежност, а не се исклучува можноста согласно Законот за животна средина за одземање на А интегрирана еколошка дозвола на рудникот Тораница поради тоа што ова е трета еколошка хаварија во последните 5-6 години.
Македонија
Ова е победа на правдата: ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува одлуката за притвор на Јахоски

ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува одлуката на Кривичниот суд за определување на притвор на Асмир Јахоски, Пуцко Петрол. Ова е победа на правдата, се вели во соопштението од оваа партија.
„Само со одлуката за ставање во притвор на Јахоски е единствено исправна и очекувана за криминалот од 160 милиони евра, криминална шема во која еден од обвинетите е во бегство.
Само со исправни одлуки ќе го победиме системот кој мора да го смениме“.
Оваа одлука, според владејачката партија немало да се случи без народот жеден за правда.
„П.С Порака до целата политичко бизнис бандитска исповрзана мрежа:
Заедно со народот жеден за правда ќе ве победиме сите вас кои ја злоупотребувавте државата, сите вас кои ја доведовте Македонија до ова дереџе. Правда ќе има. Ред ќе има“, порачуваат од партијата на Мицкоски.