Vivo оваа недела ја претстави наредната генерација од нивната најдобра серија X, односно трите модели X90, X90 Pro и X90 Pro+. Третиот модел е и првиот на пазарот кој доаѓа со новиот чип Snapdragon 8 Gen 2.

Xiaomi најавија дека тие ќе бидат првите на пазарот, но ете, „колегите“ од Кина од Vivo ги претекнаа во таа намера.

X90 Pro+ работи на Snapdragon 8 Gen 2, но другите два модели од серијата работат на исто така новиот и одличен Dimensity 9200 од MediaTek.

За разлика од другите производители, кои своите модели од највисоката серија ги прават прилично различни едни од други, vivo не ја следи оваа практика, па X90 уредите се разликуваат само по неколку карактеристики.

Сите модели доаѓаат со екран со големина од 6,78 инчи со стапка на освежување од 120 херци, а покрај разликата во чипот, сите доаѓаат со 12GB RAM и Android 13, односно OriginOS 3.

Првите два модели доаѓаат со по три камери, односно 50 мегапиксели кај главната камера, 50 мегапиксели кај „телефото“ камерата и 12 мегапиксели кај ултра широката камера.

X90 Pro+ моделот доаѓа со уште една камера која има сензор со големина од 1 инч, нешто што полека станува стандардно кај посилните модели. Оваа камера има 50 мегапиксели, а достапни се и камера со 50 мегапиксели и можност за зумирање, 48 мегапиксели кај ултра широката камера, како и 64 мегапиксели кај камерата за додатно зумирање.

Од компанијата истакнуваат дека тие користат посебно стакло кај главната камера кај X90 Pro+ моделот, односно не стандардното кое се користи од страна на Sony, со што се добива 24% поголема пропустливост на светлина.

Батериите кај телефоните се со капацитет од 4700 mAh кај X90 Pro+, односно 4870 и 4810 кај X90 Pro и X90.

Овие телефони засега се претставени само во Кина, па не е познато кога може да се очекуваат во Европа. Се продаваат по цени од 630 до 910 долари, зависно од моделот и избраниот простор за податоци.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Android Central
Претходна статијаГлавни пораки од второто издание на Социо-еколошкиот форум Скопје
Следна статијаWindows 10 2022 надградбата пуштена за поголем број корисници
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.