Македонија
Џафери: Геополитичката позиција и економските политики нè прават атрактивен избор за инвестиции
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, учествува на инвестицискиот самит за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој, придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, и министерот за финансии, Фатмир Бесими.
На самитот премиерот Џафери учествуваше во дискусијата на премиерскиот панел, на кој учествуваа премиери од Западен Балкан, премиерот на Црна Гора – Милојко Спаиќ, премиерката на Република Србија – Ана Брнабиќ, претседавачот на Советот на министрите на Босна и Херцеговина – Борјана Кришто, премиерот на Република Косово – Аљбин Курти, премиерот на Албанија – Еди Рама, и домаќинот на самитот, претседателката на ЕБОР – Одил Рено-Басо.
На првиот дел од дискусијата премиерите дискутираа на темата, „Зошто странските инвеститори би инвестирале во земјите од регионот“, на што премиерот Џафери истакна:
„Сведочиме на многубројни промени, кризи, конфликти со директен ефект врз сите глобални економии. Тука произлегува првиот одговор на прашањето зошто странските инвеститори би инвестирале во Северна Македонија, а тоа е поради нарушувањето на глобалните доставувачки синџири. Поради близината до европските центри, Северна Македонија е една од дестинациите за воспоставување производство. Имаме добра локација, добри врски и пристаништа блиску до нас, како Солун и Драч, па за кратко време производот произведен кај нас може да стигне до друга земја, односно до крајната дестинација.
Вториот аргумент е стабилната состојба на макроекономски и фискален план, интензивниот процес на хармонизација на домашното со законодавството на ЕУ, поволното деловно опкружување и добро развиените програми за поддршка за инвеститорите. Тука ја вклучуваме и стимулативната даночна политика, меѓу другото, и преку склучување договори за одбегнување на двојното даночење и даночната евазија. Северна Македонија нема закони што ги дискриминираат странските инвеститори, ние ги сметаме за наши – бидејќи сите придонесуваат за иста цел – подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Трет аргумент се значителните стимулации за компаниите што работат кај нас. Тие вклучуваат разни мерки, и тоа: субвенции за отворање работни места и за капитални инвестиции, субвенции до 50 % од прифатливите инвестициски трошоци за истражување и развој и поддршка на извозниците. Ниското ниво на даночење на добивките на корпоративниот сектор и доходот на физичките лица, односно 10 % стапка на корпоративниот данок и на данокот на личен доход, стимулира раст на економската активност и инвестициите. Кај нас успешно оперираат повеќе технолошки индустриски развојни зони, кои се особено атрактивни за странските инвестиции.
Нашата држава предводи во регионот со имплементирани закони и подзаконски акти, кои се целосно усогласени со Европската енергетска заедница, со кои е овозможена либерализација на енергетскиот пазар. Почнавме преговори со Европската Унија и членка сме на НАТО. Тоа нуди стабилност. Имаме склучено договори за слободна трговија со ЕУ (27 земји), ЕФТА (4 земји), ЦЕФТА (7 земји), билатерална слободна трговија со Турција, Украина и Обединетото Кралство“.
Во вториот дел од панелот премиерите ги дискутираа приоритетите на владите од регионот, како и прекуграничните соработки, на што премиерот Џафери нагласи:
„Република Северна Македонија, по донесувањето на Законот за енергетиката, практично го либерализира пазарот на енергетското поле. Во тој контекст е атрактивна за инвестиции од обновливи извори имајќи предвид дека земјата во текот на годинава има над 250 сончеви дена. И има можности за искористување на силата на ветерот за да може и тој извор да се користи. Од особено значење е електроенергетската поврзаност со соседите. Во тек е проектот за поврзување со Република Албанија и со тоа фактички се завршува процесот на електроенергетско поврзување со сите соседи.
Патната инфраструктура, со тоа и железничкиот дел од таа инфраструктура, е од особено значење имајќи предвид дека во тек се изградбите на железничката пруга Куманово – граница со Бугарија и со тоа се поврзуваме понатаму и со инфраструктурата со Бугарија. Коридорот 8 и дел од Коридорот 10 д, кој овозможува поврзување на релација Јон-Адријатик – Црно Море. Од геостратешки аспект е значењето на овој коридор, особено во однос на потребите од НАТО-контекст во потребите за движење и комуникација во логистичка смисла, а пропо состојбите во регионот на Црното Море, секако и на Блискиот Исток.
Во однос на енергетиката, секако се работи на интерконекторот, гасното поврзување со Грција, односно со Република Србија, и тоа е во контекст на внатрешната потреба за гасификација на Република Северна Македонија и во тој контекст се и проекциите за тоа поврзување.
Тоа се во главно проектите. Некои од проектите ги спомна, како што е поврзувањето со Република Косово, премиерот Курти. Во нашиот дел, значи, до половина, стои како обврска и е потпишана билатерална спогодба и делот од Коридорот за поврзување на Коридорот 8 со автопатот Арбен Џафери делницата, финансиски средства се обезбедени. Во тек е постапката за избор на изведувач и да почне доградбата на таа делница. Целиот регион се поврзува автопатски и тоа придонесува да брзината на комуникација и во економска смисла, односно на она што би биле инвестиции и во нашиот дел. Низата други, помали проекти, не е ниту место ниту потреба таксативно да се спомнуваат, но има доста проекции што се во тек и кои се интересни за присуство на странски инвеститори, кои се добредојдени“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Со спектакуларен концерт на Џибони, Fashion Group прослави 20 години!
Со спектакуларен настап на една од најголемите музички ѕвезди Џибони и исклучителните Влатко Стефановски трио, Fashion Group го прослави 20 годишниот јубилеј.
Во неверојатниот амбиент на винаријата Камник, најпознатата македонска retail компанија прославуваше за изминатите години успех, посветеност, тимска работа и неверојатните клиенти без кои немаше да биде она што е денеска.
Настанот дополнително го збогатија перформансите на уметникот Бојан Ковски и девојките од Тринити Стрингс кои во совршена синергија изведоа заеднички настап вреден за паметење.
„Веројатно и не постои поголема гордост во било која работа од онаа кога до вашето име ќе се надоврзе зборот јубилеј, а кога бројката на истиот е заокружена на 20, тогаш знаете дека изминатите години правевте нешто навистина добро. Оваа година, Fashion Group прославува 20 години од почетоците на омилената стилска приказна на многумина, приказна која немаше да биде онаква каква што е денес, доколку не постоеја лојалните клиенти со кои беше и повеќе од чест да се гради истата“, велат од Fashion Group.
Во изминатите 20 години компанијата отвори повеќе од 30 продавници со над 30 брендови, а во 2017-тата дел од искуството го насочија кон отворање на првата онлајн продавница www.fashiongroup.com.mk.
Денеска, Fashion Group брои повеќе од 70.000 лојалти купувачи, за кои ќе кажат дека се повеќе од горди што успеале дополнително да го „украсат“ секој важен момент во нивниот живот.
„Да, и можеби целото наше патување би се опишало како една неверојaтна авантура која започна со отворањето на Битсиани, бренд кој денес е синоним за елеганција и за тоа како треба да изгледа стилскиот маж. Приказната ја продолживме со најслаткиот бренд Окаиди, за денеска Fashion Group да е еден совршен круг што се провлекува низ животите на многумина благодарение на исклучителниот квалитет и изборот што секогаш е резултат на нашите неповторливи тимови“, велат од компанијата.
На самиот настан беше прикажана и рекламата што Fashion Group ја сними по повод јубилејот, која наиде на воодушевување кај присутните поради исклучителната естетика и уметнички моменти преку кои се прикажани новите колекции и новиот бизнис центар на групацијата.
Тие им се заблагодарија на нивните клиенти и целиот тим на групацијата за нивната несебична поддршка сите изминати години и ветија уште многу успешни моменти заедно!
Во продолжение, погледнете дел од атмосферата од забавата на 20 годишниот јубилеј на компанијата, како и видеото кое е уметничко заокружување на двете децении исклучителна работа.
ПР
Сервисни информации
Нормализиран сообраќајот на патот Битола – Новаци
Сообраќајот на регионалниот пат Битола – Новаци е нормализиран, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Видео) Лефков: Георгиев и Мемети се дел од правосуден октопод, кои, наместо да гонат криминал, се занимавале со криминал
Апсењето на врховниот судија Наке Георгиев за земање мито од 10 илјади евра е само уште една потврда дека Македонија со власта на СДС и ДУИ ниту била правна држава, а уште помалку европска.
Судијата, кој целата своја судиска кариера и унапредување ги добива во време на владеењето на СДС, вчера беше фатен на дело како зел поткуп во замена за олеснителни околности во постапката што се води против ексградоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, истакна на прес-конференција Миле Лефков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Георгиев, како што појасни Лефков, станал судија во 1997, па бил избран за судија во Апелациониот суд во 2004, па врховен судија во 2020 година, а потоа беше контроверзно избран и за член на Судскиот совет, па потоа уште поконтроверзно се повлече за да може син му да биде избран за судија во Кривичниот суд.
„Неговото апсење го покажа целиот сјај на бедата во која СДС и ДУИ го доведоа правосудството во Македонија.
Наместо правдата, владееле криминалот и корупцијата, а ликови како Георгиев, наместо да се борат против престапниците, самите го прекршувале законот за имотна корист“, додаде тој.
„Но тоа не е сè. Да биде срамна сликата за македонското правосудство целосна, постои основан сомнеж дека и јавен обвинител бил дел од оваа афера.
Имено, извршен е претрес и во домот на членот на Советот на обвинителите, Иџет Мемети, и претрес во службените простории на Советот на јавните обвинители по основано сомнение дека тој заедно со Наке Георгиев ја злоупотребил својата позиција и барал мито за истиот случај како и врховниот судија во замена за олеснителни околности во судската постапка.
И Мемети, како и Георгиев, тесно се поврзува со претходната власт, односно важи за исклучително близок за ДУИ. Својата кариера ја почнува кога оваа партија доаѓа на власт и извршува високи функции од правобранител, министер за правда, уставен судија, па до член на Советот на јавните обвинители.
Ова е судски октопод. Во судскиот систем владее организирана банда, која тргува со правдата и која наместо по словото на законот, работи по словото на парите“, потенцира Лефков.
Повика надлежните институции да го истражат целиот овој случај и многу други бидејќи, како што рече, оценуваат дека корупцијата во судството не завршува само со Георгиев и Мемети, туку пипалата се многу поголеми и подлабоки, од основни, апелациски судови и обвинителства, па сè до високи политички позиции на власта на СДС и ДУи во заминување.
„Без правна држава, нема Европска Унија. Без владеење на правото, нема ниту напредок ниту подобар живот во Македонија.
Со корупцијата мора да има силна и одлучна борба и никој не смее да биде заштитен или амнестиран.
Доаѓа времето на одговорност“, дециден е Лефков.