Српските студенти во блокада го изнесоа своето шесто барање, а тоа е да се утврди кој е одговорен за престојот во текот на март на новинарските екипи и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во одделението за интензивна нега на УКСЦ, каде што имаше македонски пациенти повредени во пожарот во Кочани.
„Нашето шесто барање е испратено до властите, односно до директорката на Универзитетскиот клинички центар на Србија (УКСЦ) на Србија Јелена Друловиќ, директорот на Ургентниот центар на УКЦС Марко Херцеговец и раководителот на одделението за интензивна нега Душан Миќиќ“, изјавила за „Н1“, Јана Недељковиќ, студентка на тамошниот Медицински факултет.
Таа додаде дека барањето е упатено до нив, бидејќи, како што рече, „загрозени биле животите на пациентите од Македонија, бидејќи на Одделението за интензивна нега имало лица кои не биле соодветно опремени да престојуваат таму“.
„Бараме контрола на работата и вонреден инспекциски надзор и врз основа на нивните сознанија, доколку има потреба, да се поведат и прекршочни постапки против здравствените установи, одговорните лица од таа установа и здравствените работници кои овозможиле овие лица да останат на интензивна нега“, изјавила Недељковиќ.
Претходно професорот на Медицинскиот факултет и хирург на Првата хируршка клиника на Универзитетскиот клинички центар на Србија, Владимир Дугалиќ, изјави дека посетата на Вучиќ на пациенти од Македонија на одделот за интензивна нега е „срамна политичка пропаганда“.
Во Србија 29 тешко повредени лица беа згрижени и се наоѓаа во четири здравствени домови – Воената болница и Клинички центар во Ниш, Воено-медицинската академија во Белград и Ургентниот центар на Клиничкиот центар на Србија. Голем број македонски граѓани на социјалните мрежи остро го осудија начинот на кој претседателот Вучиќ ги посети тешко повредените пациенти од Кочани.