Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Виолета Карадимче Јанева: Патриотскиот дух на војводата Христо Узунов нека живее

Охрид, 24. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – До редакцијата на OhridPress, охриѓанката Виолета Карадимче Јанева испрати напис посветен на војводата Христо Узунов – Патриотскиот дух на војводата Христо Узунов нека живее.

Во чест на Великиот Узунов, го објавуваме во целост.

Патриотскиот дух на војводата Христо Узунов нека живее

Во деновиве кога ја одбележуваме годишнината од херојската смрт на војводата Христо Узунов и неговата дружина, си спомнуваме за него како храбар и непоколеблив  револуционер, идеолог на Македонската револуционерна организација, главен војвода на охридските чети пред и за време на Илинденското востание, организатор на спасувањето на збегот на околу 200 семејства кај Рашанец, окружен ревизор на четите на МРО во охридскиот, струшкиот и кичевскиот регион. Се сеќаваме на неговата херојска саможртава (24 април 1905 година кај кичевското село Цер), за неговото последно писмо до другарите, за писмото до мајка си Анастасија…

Податотека:Портрет на Христо Узунов.jpg

Покрај добро познатите епитети што го красат неговото име, треба да се истакне и неговиот допринос  како хроничар на настаните. Неговиот пишан збор е симбол за неговиот возвишен интелект, за неговиот визионерски дух и доказ за неговата критичаност и самокритичаност за состојбите  во Организацијата. Благодарејќи токму на него, за Битолскиот востанички реон во текот на Илинденското востание се знае многу повеќе отколку за другите востанички области. Тој запишувал сѐ, го бележел името на секој загинат востаник, на секој убиен селанец, на секој предавник кого организацијата го осудувала на смрт. Денес се познати имињата на сите 478 лица од охридско-струшкиот регион кои загинале во востанието. При средба  со селаните од селото Куратица, веднаш по трагичниот епилог на востанието, чувствувал огромна грижа на совест:

„Браќа, сонце сакавме, а ни искра не добивме. Нашата земја се натопи со пепел и крв, и за сѐ знаете, јас сум виновен. Еве ви се предавам, убијте ме, предајте ме, што сакате правете со мене…“

Писмото што во последните мигови од својот живот им го оставил на другарите, ја потврдува доблеста и чесноста на охридскиот војвода:

„Спроти карпата каде што сме сега, го оставив во една дупка на ѕидот моето кесе со четири и пол наполеони, една лира и околу 40 гроша. Тоа се Охридски пари.”

За неговата необична интуитивност, праведност и посветеност на борбата за слобода потврда се зборовите:

„Да гледате колку што е можно побрзо да ги уништите оние досега раководни сили во Организацијата, кои му нанесле штета на делото, како што е Сарафов, а не да се накажуваат само прости работници.“

Со верба дека возвишениот идеал на Организацијата  ќе биде постигнат, војводата Узунов, спокојно и херојски умира.

Во своето дело „Гоце Делчев и неговото време“, професорот Христо Андонов Полјански пишува:

„Потеклото и семејната средина се фундаментален елемент во биографијата на една личност. Тие го обусловуваат неговиот живот во неговата најрана фаза, а оставаат траги во целокупната негова натамошна дејност…”

Податотека:Анастасија Узунова.jpg — Википедија

Семејството на војводата Узунов имало големо влијание за формирање на неговата личност. Мајка му, Анастасија Георги Чакарова (1862-1948), потекнува од виден струшки преродбенски род и е прва братучеда на револуционерите Христо Матов и Милан Матов. Своите  синови Христо, Андон и Анѓел ги воспитала во патриотски дух.

Таткото, Димитар Узунов (1842 Охрид-1887 Куманово) бил голем поборник за воведување на „славјански“ јазик во црквите и училиштата. Како учител делувал во Охрид, Струга, Кукуш и Куманово. И дедото на војводата Узунов, Христо Узунов, (   – 1873), по кого војводата го добил името, бил учител, прво во Подградец, а потоа во Охрид. По неговите стапки тргнале и повеќето негови внуци, од синот Димитар и ќерките Теофана (Фанија) и Анастасија. Синот на неговата ќерка Фанија, Димитар К. Карадимчев (1858 Охрид-1940 Софија), бил учител во Охрид, а потоа заминал во Бугарија и работел како виден културно-просветен работник. Во својата „Автобиографија“ Карадимчев дедо си Христо го претставува и како надарен уметник-склуптор, професионален пеач во црквите  и необично вреден човек. Фанија и нејзиниот сопруг Костадин Карадимчев, создале едно големо и угледно семејство.  Уште двајца синови на Фанија и Костадин станале учители. Ахил Карадимчев (1869-1950) по школувањето станал учител, а како член на ВМОРО во 1904 година бил избран за секретар на Охридскиот околиски револуционерен комитет. Како свештеник во црквата „Геракомија“ и во други цркви,повеќе пати бил прогонуван и затворан, заради тоа што застанувал во одбрана на населението. Леон (Лев) Карадимчев (1873 –     ) бил назначен за учител во Охрид и Кичево, а подоцна заминал во Бугарија. Покрај професијата бил активен деец за Слободна Македонија. Домот на Фанија и Костадин, кај Долна Порта, бил „сврталиште“ за многу роднини и пријатели. Според фамилијарното предание, војводата Узунче, од домот на тетка си Фанија, од задниот „капиџик“ бегал нагоре по ѕидините и дворовите за да побегне од турските потери. Поетот Григор Прличев, кого во куќата си го викале „тетинче“, зошто бил сопруг на Анастасија Узунова, бил гостин во посебни прилики. И синот на Анастасија и Григор Прличеви, Кирил Прличев (1875 Охрид- 1944), интелектуалец, учител, писател и публицист, бил активен револуционер и голем патриот.

Податотека:Фотографија на Григор Прличев, (седи лево) и на ...

Фотографија на Григор Прличев, (седи лево) и на Димитар Узунов (седи десно)

Патриотскиот дух на војводата Христо Узунов нека ги исполнува нашите срца и срцата на идните генерации.

Виолета Карадимче Јанева

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука