Трагедија во Италија: Фудбалерот колабираше на теренот, му немаше спас

од Симе Стоиков

Вчера бевме сведоци на страшни сцени на натпреварот меѓу Удинезе и Рома. Сепак, еден фудбалер заврши уште полошо во петтиот ранг на натпреварувањето.

Трагедија на Апенините. Имено, 26-годишен фудбалер од тим во петтата лига на италијанското првенство почина откако колабирал за време на натпревар во близина на Фиренца во неделата, соопшти градоначалникот на градот во кој е сместен клубот.

Станува збор за Матија Џани кој колабирал на мечот помеѓу Кастелфиорентина и Ланчиото Кампи, на стадионот Кампи Бизенцио.

Џани бил итно префрлен во болницата Кареџи во Фиренца, а натпреварот бил прекинат. Градоначалникот на Кастелфиорентина, Алесио Фалорни во понеделникот изјави дека играчот починал во болница.

„26-годишниот фудбалер, кој се пожали на проблеми на натпреварот помеѓу Кастелфиорентина (неговиот тим) и Ланчиото Кампи во неделата попладне, почина во понеделник наутро во болницата Кареџи.

Му се слоши дваесетина минути по стартниот свиреж, ја стави раката на градите, а потоа се струполи на земја. Брзата помош интервенираше на стадионот Кампи Бизенцио каде се играше натпреварот. Во тешка состојба беше пренесен во болница“, пишува во соопштението на клубот.

Ваквите смртни случаи за жал зачестија во последните години и се поставува прашањето која е причината за тоа. Како се да започна од колапсот на Ериксен на ЕУРО, кој за среќа не заврши со смрт.

Слични содржини