Фото: Пиксабеј

Подемот на вештачката интелигенција принудува сѐ повеќе новинари да се соочат со етичките и уредувачките предизвици што ги носи оваа технологија. Улогата на вештачката интелигенција во помагањето на редакциите или нивната целосна трансформација е едно од прашањата за кои се дискутираше на Меѓународниот фестивал на новинарството во Перуџа, кој заврши во неделата.
Алатките за вештачка интелигенција што имитираат човечка интелигенција често се користат во редакциите низ светот за транскрипција на аудио, производство на резимеа на текст и превод. Германската групација „Аксел Спрингер“ на почетокот на минатата година објави дека го намалува бројот на работни места во „Билд“ и „Ди велт“, објаснувајќи дека вештачката интелигенција сега ќе „замени“ некои новинари.
Генеративната вештачка интелигенција, која може да произведува текст и фотографии по едноставно барање изразено на секојдневен јазик, веќе поставува нови граници, но предизвикува и загриженост. Еден проблем е што гласовите и лицата сега може да се клонираат за да се создаде поткаст или телевизиски вести. Минатата година филипинскиот портал „Раплер“ создаде бренд наменет за младата публика, претворајќи ги своите долги написи во стрипови, графики и видеа. Медиумските професионалци тврдат дека нивната индустрија сега мора да се фокусира на создавање „додадена вредност“.
– Вие сте тие што ги прават вистинските работи, а алатките што ги правиме ќе ви помогнат – рече директорот на „Гугл њуз“, Шаилеш Пракаш, на фестивалот во Перуџа.
Според процената на „Еврипиксел џрнал“, вештачката интелигенција направила исто толку фотографии за една година колку и целата фотографска професија за 150 години. Тоа отвора сериозни прашања околу селекцијата на содржините. Медиумските и технолошките организации се здружија за да се борат против оваа закана. Невладината организација „Репортери без граници“ го прошири својот делокруг на работа за заштита на веродостојните вести и на крајот на минатата година ја претстави Париската повелба за вештачка интелигенција и новинарство.
– Една од работите што навистина ми се допаднаа во Париската повелба беше акцентот на транспарентноста. До кој степен издавачите ќе треба да откријат дека користат генеративна вештачка интелигенција – рече Ања Шифрин од Универзитетот „Колумбија“.
Во тек е сериозна дебата за тоа дали треба да означите содржина со вештачка интелигенција или луѓето треба да му веруваат на вашиот бренд. Регулативата е во развој, а технологијата постојано се развива.