Не давам совети, не сакам никого да заглавам

Познатиот писател, драматург и колумнист Братислав Димитров одговара на 10 прашања надвор од драматургијата, политиката…

 1. Три најсреќни моменти во животот?

– Кога се оженив без стројници, кога ми се родија синовите Иван и Димитар и внукот Марко. Зошто четири моменти? Абе вие ергени сте?

П.С. Сопругата му вели на сопругот: „Ја виде ли сосетката каков фустан носи?“ Сопругот: „Да не сакаш да ти купам ист таков?“ Сопругата: „Па тоа е поефтино отколку да се одселиме!“

2. Три работи кои се каете што сте ги направиле?

– Не се каам за ништо што сум направил во животот. Евентуално се каам за некои работи што не сум ги направил, ама нешто ќе оставам и за оној свет.

3. Тројцата Македонци од сегашноста со кои се гордеете?

– Љубиша Георгиевски, Петар Темелковски и Горан Стефановски.

4. Три работи кои Ве радуваат и три што Ве нервираат?

– Не го разбирам прашањето. Само три работи што ме нервираат!?

5. Три предмети што најмногу Ве намачија како ученик?

 Јас на училиште бев најдобар по предметот „ужинка“. Ме мачеше што тогаш немаше реформа што ќе ја воведе институцијата „репете“. Ме мачеше и злоупотребата на народниот обичај  „Дај еден гриз!“. Ти му даваш гриз од својот сирењак, а после на тестот по математика џукелата не те познава!?

6. Три работи во кои сте добар, и три во кои не Ве бива?

 Јас сум најпаметен, најсилен и најубав, И сето ова јас сам сум го открил! Не ме бива и другите да ги убедам во моите три откритија.

7. Три места во Македонија што радо би ги посетиле?

 Столица за лулање, топла када и кафеаната „Текила“ во Владимирово. Да искористам додека не сме влегле во Европа.

8. Три најдобри книги, филмови и песни?

 Достоевски, Џојс и Кафка. Останатото е маргина. Секогаш ги читам „Браќа Карамазови“, “Улис“ и “Процес“. Шекспир и Чехов се без конкуренција. Најдобрите филмови на сите времиња се: „Кратки резови“ на Роберт Алтман, „Магнолија“ на Пол Томас Андерсон и „Кум 2“ на Френсис Форд Копола. Јас сум од онаа генерација која признаваше само танго („стискавец“) кое долго трае. Така шансите да фатиме женска на журка, колку-толку ни се зголемуваа. Тогаш ја слушавме „Куќа на изгревот на сонцето“ од „Анималс“ и „Ноќите во бел сатен“ од „Муди блуз“. Денес ја слушам „Заветна“ од Пепи Бафтировски, за да ја фатам Македонија која постојано нѝ бега. Или ние бегаме од неа?

9. Три омилени јадења?

 Прилепски „Ширден“, кумановски „Мезалк“ и најважно: Секој е среќен кога јаде пржени лепчиња.

10. Три совети кои ги давате на другите?

 Еднаш ме прашаа каде наоѓам инспирација? Одговорив: „Не знам. А и да знам, не ви кажувам!“ Исто е и со советите. Не сакам никого да заглавам.

Претходна вестГо гушкаа ГТЦ за да го спаселе од „лоша реконструкција“ па го оставија да се распаѓа
Следна вестПритвор за пет лица поради фалсификување пари