Георгиева: Можеме да здивнеме, избегнавме рецесија

од Vladimir Zorba

Силниот раст во САД помогна да се подобрат изгледите за светската економија, но треба да се направи повеќе за да се спречи падот на продуктивноста, изјави во четвртокот директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.

„Глобалниот раст е малку посилен поради силната активност во САД и многу пазари во развој“, изјави директорот на ММФ за новинарите, пренесе АФП.

Економијата на САД порасна за робусни 2,5 отсто минатата година, според американското Министерство за трговија, далеку над повеќето други напредни економии.

„Силната потрошувачка на домаќинствата и деловните инвестиции и олеснувањето на проблемите со синџирот на снабдување помогнаа. И инфлацијата паѓа, нешто побрзо од очекуваното“, додаде Георгиева.

Нејзините забелешки укажуваат на тоа дека ММФ сега очекува светската економија да порасне побрзо од предвиденото во јануари, кога прогнозираше глобален раст од 3,1 отсто во 2024 година и 3,2 отсто во 2025 година.

„Изгледа дека можеме да здивнеме. Избегнавме глобална рецесија и период на стагфлација, како што предвидуваа некои. Но, сè уште има многу работи за кои треба да се погрижиме“, рече Георгиева.

Слични содржини