Свет Европската комисија

Фон дер Лајен го промовираше „Компасот за конкурентност“: Европа има се за да ја врати конкурентноста

Сега имаме план. Имаме политичка волја. Она што е важно е брзината и единството. Светот не чека нас. Сите земји членки се согласуваат за ова. Значи, ајде да го претвориме овој консензус во акција, порача Фон дер Лајен.

Фон дер Лајен го промовираше „Компасот за конкурентност“: Европа има се за да ја врати конкурентноста

Европската комисија денеска го презентираше „Компасот за конкурентност“, како иницијатива која обезбедува стратешка и јасна рамка за насочување на нејзината работа и која ќе го трасира патот што ќе и овозможи на Европа да стане место каде се иновираат, произведуваат и продаваат нови технологии, услуги и чисти производи и да биде првиот климатски неутрален континент.

– Европа има се што и е потребно за да успее во трката кон врвот, но во исто време мора да ги надминеме нашите слабости за да ја вратиме конкурентноста, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при денешната презентација на „Компасот за конкурентност“.

Според неа, „Компасот за конкурентност“ ги претвора на „одличните препораки“ од извештајот на поранешниот италијански премиер Марио Драги, насловен „Иднината на европската конкурентност“, во Патоказ за идното дејствување на ЕУ.

– Сега имаме план. Имаме политичка волја. Она што е важно е брзината и единството. Светот не чека нас. Сите земји членки се согласуваат за ова. Значи, ајде да го претвориме овој консензус во акција, порача Фон дер Лајен.

Таа потсети дека во последните две децении, Европа стана зависна од евтините производи од Кина и евтина енергија од Русија и го загуби чекорот со другите големи економии, создавајќи јаз во растот на продуктивноста.

Според Фон дер Лајен, ЕУ го има она се она што и е потребно за да го промени овој тренд со својата талентирана и образована работна сила, капиталот, заштедите, единствениот пазар, единствената социјална инфраструктура, но под услов итно да дејствува за да се справи со долготрајните бариери и структурни слабости што ја кочат.

Извршниот потпретседател на ЕК за просперитет и индустриска стратегија Стефан Сежурне, на промоцијата на документот истакна дека „Компасот за конкурентност“ претставува економска доктрина на Европската комисија за следните пет години.

– Оваа доктрина е едноставна и може да се сумира во еден клучен збор: конкурентност. Конкурентност во секое евро што ќе го потрошиме и во секоја иницијатива што ќе ја предложиме, рече Сежурне.

Според него, од овој документ претставува програма за работа насочена кон поедноставување, инвестирање и забрзување на економските приоритети на ЕУ.

– „Компасот“ мора да поттикне промена на размислувањето во Европа и на Европејците. Тој ја прави Европа попредвидлива, истовремено одржувајќи го курсот на нашиот европски модел – декарбонизиран, социјален и со почитување на нашите вредности, додаде Сежурне.

„Компасот за конкурентност“ предвидува три основни области за дејствување – иновации, декарбонизација и безбедност, како трансформациски императиви за зајакнување на европската конкурентноста.

Првиот од трите столба на „Компасот“ е „затворање на јазот во иновациите“, поради што ЕУ мора повторно да го активира својот иновациски мотор и да стане дома за иновативни старт-апи за промоција на индустриското лидерство во сектори засновани на нови технологии во етаблирани компании и мали и средни претпријатија.

Од тој аспект, ЕК ќе ги предложи иницијативите „Гигафабрики за вештачка интелигенција“ и „Примени ја вештачката интелигенција“ за да се поттикне развојот и прифаќањето на вештачката интелигенција во клучните индустриски сектори насочени кон производство на напредни, квантни, биотехнолошки и вселенски технологии и кон роботиката.

Вториот стол е „заеднички патоказ за декарбонизација и конкурентност“, кој треба да се справи со високите и нестабилни цени на енергијата и да го олесни пристапот до чиста и достапна енергија. Во тие рамки, ЕК ќе изработи Акциски план за достапна енергија, кој треба да помогне за намалување на цените и трошоците на енергијата, како и Закон за забрзување на индустриската декарбонизација, што ќе овозможи забрзување на процедурите за издавање дозволи на секторите во транзиција.

Третиот столб на „Компасот“ е „намалување на прекумерната зависност и зголемување на безбедноста“, во чии рамки се предвидува засилување и воспоставување на ефикасни партнерства, диверзификација и зајакнуваме синџирите на снабдување и гарантирање сигурен пристап до суровини, чиста енергија, одржливи транспортни горива и чиста технологија од целиот свет.

Овие три столба на „Компасот“ се надополнуваат со пет инструменти кои треба да бидат од суштинско значење за поддршка на конкурентноста во сите сектори.

Тие инструменти се „Поедноставувањето“, кое треба да обезбеди драстично намалување на регулаторниот и административниот товар, „Намалување на бариерите за единствениот пазар“ за да се подобри функционирање на сите индустрии, „Финансирање на конкурентноста“ преку изградба на единствен и ефикасен пазар на капитал што ќе овозможи користење на заштедите како инвестиции, „Промоција на стручна оспособеност и квалитетни работни места“ за да се обезбеди усогласеност на образованието и обуката со потребите на пазарот на трудот, и „Подобра координација на политиките на европско и на национално ниво“ преку воведување Инструмент за координација на конкурентноста со кој ќе се обезбеди имплементација на заедничките цели на политиките на ЕУ.

Изработката на „Компасот за конкурентност“, како прва голема иницијатива на новата Еврокомисија, Фон дер Лајен го најави при изборот на Колеџот на комесари во Европскиот парламент кон крајот на ноември минатата година.

To top