ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: САМОВРЕДНОСТ

301

Не постои поскапоцена вредност од душевен мир и хармонија со самиот себе. Но, тоа воопшто не е лесно да се постигне, зашто разните егзистенцијални притисоци, борби и неизвесности го оневозможуваат човекот да се почувствува смирен, хармонизиран и опуштен. Сосредоточувањето кон вредноста на своето постоење и вредноста на сопствените дела, претставува патоказ за спокој на личноста. Затоа треба да ги визуализираме своите вредности, да ги преиспитаме околностите во кои се наоѓаме и да се отвориме за промените на животот. Понекогаш и судбината сака да поминеме низ разни искушенија и тешкотии, со цел да осознаеме какви вредности негуваме и дали со трчањето кон површните лица и предметните нешта сме се запоставиле себеси и сме се оддалечиле од хармонијата на душата. Болестите, љубовните разделби и несреќите се порака дека нашите концепти мора да се менуваат или дека некој внатрешен проблем бара решение. Ако правилно бидат разбрани, сите тие нешта отвораат перспектива за вложување во личниот развој, за хармонизирање на својата душа и за согледба како правилно да се однесуваме кон животот. Затоа во периодите на  кризи и тешкотии, мора да ги сфатиме своите пропусти, духовно да се усовршуваме, да бараме нови патишта на развојот и да се ослободиме од лошите навики во животот.

Осознаените погрешни одлуки даваат можност да ги промениме навиките и начинот на живот, повеќе да се посветиме на самите себе и да ги цениме благодатите на сопствената личност.

Ако тоа не го направиме, тогаш стравот, стресот, живеењето со минатото и дисхармоничната сегашност ќе го оптоварат нашето биополе и ќе нè направат подложни на разни болести и слабости на духот и телото. Според Сергеј Лазарев: „За својата судбина човекот не смее да ги обвинува небесата или случајот, неправдата која му ја предизвикале луѓето, бидејќи тој самиот одлучува дали ќе се спасува или ќе се уништува”. Оваа согледба укажува дека ако се сожалуваме и мислиме дека лошата судбина е виновна за неуспехот, не ќе можеме да извлечеме поука од нашите грешки и да се заштитиме од нив во иднина. Ако, пак, се сметаме самите виновни за своите неуспеси, ќе ги процениме внимателно своите дејствија и ќе го избегнеме повторувањето на слични грешки.

Ако во одреден домен постојано трпиме неуспеси – значи дека не сме совладале некоја важна животна лекција. Потребно е да извлечеме поука и да продолжиме понатаму.

Иако промената на навиките е прилично макотрпен процес, без преземање одговорност за сопствениот живот и јасна согледба на причинителите кои ни ги предизвикале неуспехот и стагнацијата, многу потешко ќе се извлечеме од кризата.

Следниве аспекти на постапување може максимално да ја подобрат ефикасноста и да придонесат за хармонизирање на личноста:

Секојдневно да одржуваме бистар ум, кој ќе ни помогне да ги утврдиме приоритетите и да ја сочуваме својата креативна енергија;

Што поретко да бидеме во контакт со лица кои нè манипулираат и негативно влијаат врз нашата личност;

Да се одблокираме од нештата кои ни го одземаат вниманието и не придонесуваат за нашиот личен развој;

Да уживаме во мигот и да се насочиме кон тоа што ни е најважно;

Да не се преоптоваруваме со потребата да им докажуваме на другите дека сме во право, зашто од тоа нема никаков ефект освен што психофизички ќе се изнемоштиме.

Треба да научиме да се опуштаме и да бидеме помирени со тоа што поминало;

Да веруваме во себе, да не губиме надеж и да ѝ овозможиме на својата вродена мудрост да избие во преден план, покажувајќи ни го патот кон вистинските вредности на животот.

Кога ќе почнеме да го подобруваме карактерот и да ја менуваме внатрешната состојба на личноста и ако притоа се појави радост и ни стане лесно на душата, тоа значи дека основната животна енергија почнува позитивно да тече. Сите овие обележја се гаранција дека се наоѓаме на вистинскиот пат.

Можеби најмоќниот клуч за надминување на тешкотиите и за пронаоѓање на посветлата страна е да поседуваме нагласена вера и духовност, зашто тие вредности поттикнуваат кон добрите нешта, наспроти постојаното фокусирање на лошите страни на сопственото постоење. Значи, клучот е да веруваме, секој ден да се надградуваме и да вложуваме во позитивните вредности на својата личност, притоа имајќи ги на ум и зборовите на спасителот Исус Христос: „Според својата верба ќе бидеш награден”. Ова подразбира дека сè е остварливо за оној што верува во тоа. Ако размислуваш за успех, тогаш на крајот и ќе успееш. Ако мислиш на неуспех, тогаш нема да успееш.

Библијата вели дека го жнееме она што сме го посеале.

И најплодната земја нема да даде плодови ако во неа не посадиме семе кое ќе го негуваме. Стравот од преземање ризици, потиснувањето на желбите, подлегнувањето на притисоците и доброволното прифаќање на ореолот на жртва, претставува бегство од убавите плодови на животот, а кој бега од животот, бега и од суштината на сопствената личност.

Емоциите се силна животна сила, оние позитивните како вербата, надежта, љубовта и радоста го зголемуваат нивото на енергија, а стравот и загриженоста ги трошат нејзините резерви.

Апатијата и бесмисленоста се интензивираат кога стануваме празни однатре и уморни од животот, кога престануваме да сонуваме, кога не си поставуваме пред себе предизвици и кога не ја развиваме духовната структура на својата личност.

Ударите на судбината и средбите со лицата кои се духовно неосвестени, неискрени, неодговорни или нечесни се насекаде околу нас, така што потребна е голема мудрост и присебност да ги избегнеме негативните нешта и да го задржиме мирот во душата. Излезот е во опуштањето и прифаќањето на нештата такви какви што се, но и во дејствувањето, посебно кога постојат најдобрите опции за постигнување на успехот. Затоа, треба да престанеме да мислиме на тоа што не го сакаме и што сметаме дека ни недостасува. Притоа, кога себе повеќе нема да се доживуваме како жртва на туѓите негативни дејствувања, ќе почнеме да се концентрираме на сопствените вредности и ќе можеме своите сили да ги употребиме за излез од ограничувачките околности.

Сè додека ги обвинуваме другите за ситуацијата во која се наоѓаме и бараме оправдувања, зашто ништо не ни оди во животот, нема да го пронајдеме излезот од кризата.

Обвинувањето на лошата судбина, никаде нема да нè однесе, бидејќи како што вели народната мудрост: „Секогаш има полошо“! Секој човек е единствен по своите психофизички карактеристики и вредности. Секој ја има можноста да бира: дали да се определи за песимизмот, јанѕите и стравовите или за оптимизмот, ведрината и храброста.

Секогаш постои можност да ги помрднеме нештата од мртвата точка и да ја оствариме позитивната визија во животот.

Тоа ќе го постигнеме ако ги прифатиме препораките на римскиот филозоф Марко Аврелиј: „Биди како карпа од која се прекршуваат брановите. Таа стои неподвижна, а морето што беснее околу неа, постепено се смирува. Никогаш не вели: Несреќен сум, зарем мораше тоа да ме снајде! Секогаш вели: Среќен сум што живеам безгрижно и не сум погоден од тоа што сега ми се случува, ниту се плашам за иднината”.

Наместо да ја играме улогата на страдалник, многу подобро е да бидеме храбар воин, подготвен да ги прима ударите на судбината, но и да ужива во успехот, победите и благодатите на своето постоење.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)