Вести Македонија Топ вести

Екстрадиција на Палевски: Кои се процедурите за испорачување на бегалци

Интерпол одделот во МВР, кој е задолжен за реализација на екстрадиција е подготвен за преземање на Љупчо Палевски Палчо од турската полиција. Се вршат безбедносни проценки за начинот на есктрадицијата на Палевски кој е осомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски.

Дополнителни се вршат и логистички подготовки на екстрадицијата, подготовка на документи, организација на патувањето и контакти со турската полиција.Од МВР, но и никој друг не открива кога ќе биде испорачан Палевски, кој според обвинителството е креатор и извршител на грозоморниот настан лани на крајот на ноември.

Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР е известен дека се завршени потребните процедури во врска со овој случај и во координација со турската полиција се преземаат мерки за организација на преземањето на лицето и негова екстрадиција во Република Северна Македонија.

Екстрадициите од странство ги реализираат полициски службеници од Одделот за меѓународна соработка, неформално познат и како Интерпол оддел. Најчесто на подолги дестинации се користат редовни авионски линии во кои полициските службеници се во постојана придружба на лицето кое се испорачува. Имало случаи кога од поблиските држави биле организирани полициски хеликоптерски летови или дури и специјални авионски летови.

Одлуката за начинот на транспорт на лицата при екстрадиција зависи од безбедносната проценка и ризикот за бегство. Дополнително авио-компаниите имаат посебни услови кога превезуваат бегалци и криминалци. По доаѓањето, Палевски-Палчо веднаш ќе биде префрлен во затворот во Шутка бидејќи за него веќе има определен притвор од 30 дена. Во скопскиот истражен затвор има подготвена келија иако раководството на Шутка се уште не е известено за термин на преземање. Во истиот затворски дел но во посебни келии се наоѓаат уште тројца притворени и осомничени за злосторот за кој првоосомничен е Палевски.

Под истрага е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски кој од пред десетина дена е во домашен притвор откако Врховниот суд му го замени затворскиот притвор. Обвинителството се сомнева дека групата лани во ноември учествувала во грабнување и ликвидација на Панче Жежовски во Велес, а неколку дена подоцна дека ја организирале и извршиле бруталната ликвидација на 14-годишната ученичка Вања.

Телата на двете жртви беа најдени откако дел од осомничите ги открија локациите каде се закопани жртвите. Палевски веќе тогаш беше во бегство, а во турскиот град Баликесир е уапсен на почетокот на декември. По 5 месеци, постапката за екстрадицијата во Турција е одобрена.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Пикасо можеби јас“ изложба на македонскиот керамичар Филип Фидановски во Загреб

Дејан Дејан

Посветена работа на заедничкиот регионален пазар согласни шефовите на шесте балкански земји

Дејан Дејан

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, кон крајот на денот локална нестабилност – Временска прогноза за 18.5.2024

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе