Арсенал нема намера да запре – Артета ќе потроши 150 милиони фунти на две засилувања

Арсенал втора година по ред е многу блиску до титулата во Премиер-лигата, а раководството на клубот реши целосно да го поддржи Микел Артета исполнувајќи ги неговите желби за засилувања во преодниот рок.

За потсетување, „топчиите“ лани потрошија над 200 милиони евра за да ги доведат Деклан Рајс од Вест Хем, Каи Хаверц од Челси и Тимбер од Ајакс, а лондонскиот премиерлигаш сега се подготвува за нов сериозен атак на фудбалскиот пазар. Според англиските медиуми, Артета побарал две нови засилувања, и двете од Премиер-лигата со кои верува дека конечно ќе стигне до титулата, а раководството на Арсенал е подготвено да потроши 150 милиони фунти за да ја исполни оваа желба на шпанскиот стручњак.

Ангажманот на нов голгетер ќе биде приоритет за летово, а Александер Исак е фудбалерот што Артета сака да го види во својот тим. Шведскиот ас блеска во дресот на Њукасл и претставува кошмар за противничките дефанзивци, а само неколкуте повреди што го имаа го спречија да биде во трката со Халанд и Палмер за најдобар стрелец во Премиер-лигата. Њукасл не сака да го продаде својот најдобар стрелец, но „црно-белите“ имаат проблеми со финансискиот ферплеј, а Арсенал планира да го искористи тоа и со понуда од 90 милиони фунти да го доведе Исак на „Емирати“.

Вториот играч на листата со желби на Артета е Михаел Олис од Кристал Палас. Овој 22-годишен фудбалер за врска минатото лето одби неколку понуди, но сега е подготвен за сериозен трансфер во клуб со шампионски амбиции. Олис најдобро се снаоѓа како крило во напаѓачко трио, но може да помогне и како офанзивен фудбалер за врска, а Артета токму поради неговата универзалност е подготвен да плати 60 милиони фунти за уште повеќе да ги зголеми офанзивните опции во својот тим.

Се вчитува...