БЕЗ ЛОКАЛНИ МЕДИУМИ ЌЕ ПАДНЕМЕ ВО ИНФОРМАТИВНА ТЕМНИЦА – ПОРАКА ОД 60. РОДЕНДЕН НА НАЈСТАРОТО ЛОКАЛНО ГЛАСИЛО ВО МАКЕДОНИЈА „БИТОЛСКИ ВЕСНИК“

    БЕЗ ЛОКАЛНИ МЕДИУМИ ЌЕ ПАДНЕМЕ ВО ИНФОРМАТИВНА ТЕМНИЦА – ПОРАКА ОД 60. РОДЕНДЕН НА НАЈСТАРОТО ЛОКАЛНО ГЛАСИЛО ВО МАКЕДОНИЈА „БИТОЛСКИ ВЕСНИК“„Битолски весник“ на своите соработници и поддржувачи им додели плакети. (Фото: СДК.МК)

    Под мотото „Традицијата зборува за нас“ во Офицерскиот дом во Битола, најстариот локален медиум во земјава „Битолски весник“ прослави 60 години постоење. На свечената академија весникот беше спореден со пирејот зашто шест децении опстои на ветрометини, трчајќи по вистината, правдата и јавниот интерес, а притоа испишувајќи ја историјата на Битола.

    Првиот број беше издаден на 29 април 1964 година, под водство на првиот главен и одговорен уредник Владо Ласковски. На неговите страници написи објавувале врвни македонски новинари како Тоде Петревски, Томе Груевски, Димитар Димитровски-Такец, Христо Невеновски, Димче Миновски, Никола Тлевски, Кирил Добрушевски, Панде Манојлов, Пеце Стефановски, Марјан Танушевски и голем број на други професионалци и соработници.

    „Ако ги немаме локалните медиуми, ќе паднеме во информативна темница. Новинарството во Битола е на смртна постела. Најмладиот новинар во Битола има 41 години, а порано ние почнувавме да пишуваме на 15 години. Никој не сака да пишува, во новинарството има залутани луѓе, кои не го сакаат, но мислат дека со тоа што ќе купат апарат можат да бидат новинари. Нас ни треба новинарство, медиуми во кои има кодекс и правила во пишувањето“, рече Менде Младеновски, главен и одговорен уредник на весникот кој во него почнал да пишува од 1971 година, кога бил прва години во гимназија.

    „Битолски весник“ на своите соработници и поддржувачи им додели плакети. Меѓу нив и на уредникот на порталот САКАМДАКАЖАМ.МК, Горан Михајловски, за успеси постигнати од областа на новинарството. Во отсуство на Лирим Дулови, тој ја подигна и плакетата за Асоцијацијата на печатени медиуми на Македонија.

    „Иако не сум веќе во печатен медиум, многу добро знам што значи да се прави весник и колку е тешко да се одржи печатен медиум. Во Македонија е многу тешко да се пофали некој дека опстоил 60 години, постари весници се само ‘Нова Македонија’ и ‘Вечер’. Да не излезе дека сум тука само по матичната книга на родени зашто сум роден во Битола и многу ми е драга, секогаш кога професионално настапувам се трудам да има посебно, привилегирано место во медиумите кои сум ги водел за битолското дописништво“, рече Михајловски.

    Во чест на јубилејот беше изведена и химна на „Битолски весник“ по текст на Валентин Соклевски, музика на Николче Мицевски, а интерпретатори се Сефејдин Бајрамов, Ирена Митревска, Тина Мицевска, Христијан Доневски и Трифун Костовски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира