Tошковски: Приведувањето на Салиу е последица на напад врз полициски службеници

Tошковски: Приведувањето на Салиу е последица на напад врз полициски службеници

Се огласи и техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски. Преку порака на социјалните мрежи тошковски истакна дека ја разбира реакцијата на новинарскиот еснаф, но тврди дека полицијата еднакво реагира при секој напад на полициски службеник.

Тој повтори дека новинарот Фуркан Салиу е еден од приведените на денешниот фудбалски натпревар во селото средно коњари поради напад врз полициски службеници.

„Сакам да истакнам дека ја разбирам загриженоста на здружението на новинари и синдикатот на новинарите, но МВР мора да постапува еднакво кон секој кој ќе нападне полициски службеник, согласно утврдените законски процедури. Како министер досега покажав дека се залагам за транспарентност и отчетност за работењето на МВР и така ќе остане, но законите во државата мора да важат за сите подеднакво“, напиша Тошковски.

Тој ги повика здруженијата, синдикатите, како и политичките партии да се воздржат од изјави и соопштенија и посочи дека со тоа се врши притисок кон полицијата.

„Да остават полициските службеници професионално да си ја завршат својата работа, без политика и исклучиво во согласност со законот. Јавноста ќе биде целосно информирана за сите детали поврзани со овој случај веднаш по завршувањето на истрагата“, додаде Тошковски.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста