Песков ги осуди изјавите на Камерон за украинската одбрана како„опасни“ за европската безбедност

од Илинка Илиоска

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека изјавата на британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон дека украинските вооружени сили имаат право да ја нападнат руската територија е многу опасна и дека таквата вербална ескалација може да и наштети на европската безбедност.

– Уште една во низата опасни изјави. Од Франција, вакви изјави доаѓаат од шефот на државата, од Велика Британија на нешто пониско ниво, но тоа се директни ескалации на тензиите кога е во прашање украинскиот конфликт и тоа може да и наштети на европската безбедност. Ова предизвикува нашата загриженост – истакна тој.

Според Камерон, Украина има право да користи британско оружје за да цели во Русија.

„Кога Русија гаѓа (цели) внатре во Украина, можете да разберете зошто Украина чувствува потреба да се осигура дека ќе се брани“, додаде британскиот министер.

Тој вети дека Обединетото Кралство ќе продолжи да и дава на Украина помош од 3 милијарди фунти (3,74 милијарди американски долари) се додека е потребно.

„Ќе даваме 3 милијарди фунти секоја година онолку колку што е потребно. Штотуку целосно исцрпивме се што можеме во однос на испораките на воена опрема. Дел од оваа (техника) всушност пристигнува во Украина додека сум тука“, додаде Камерон.

Слични содржини