До 15 часот гласале 35 проценти од граѓаните

Излезеноста до 15 часот од обработените податоци кои стигнале до Државната изборна комисија е околу 35%. Во број на гласачи, тоа е нешто над 595 илјади од обработени 94% односно од 3303 избирачки места, покажуваат податоците на rezultati.sec.mk кои се ажурираат сукцесивно.

Според податоците од ДИК, најголема излезеност е забележана во Општина Новаци 57,69%, а по неа следуваат и општините Крива Паланка 52,92% Крушево 48,30% Демир Капија 47,27, Пробиштип 47,02%, додека од скопските општини предничат Карпош 45,24% и Центар 45,22%.

Од општините со најмала излезеност се Центар Жупа каде што гласале 13,11%, Маврово и Ростуша 17,07% , Студеничани 18,04% и Врапчиште 18,90%.

Од ДИК преку соопштение информираат и дека до 15 часот стигнале 233 приговори за заштита на личното избирачко право.

„Од нив, 38 приговори се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 21 приговор се отфрлени како неуредни, а 22 приговори се одбиени. Останатите приговори се во обработка,“ соопштија од ДИК.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави