Почнаа изборите во земјата со 11 временски зони, Путин нема конкуренција

Руските гласачи утринава почнаа да излегуваат на гласачките места, на тридневните претседателски избори. Се очекува Владимир Путин да добие уште еден шестгодишен мандат на власт, со оглед на својот рејтинг меѓу населенито, а и нема сериозни противници. Гласањето започна со отворање на избирачки места на рускиот далечен исток.

Изборите во земјата што опфаќа 11 временски зони ќе траат до недела навечер, кога последните избирачки места во Калининград на Балтичкото Море се затвораат во 20 часот по локално време. Веднаш потоа се очекуваат првите прогнози. Руските државни агенции за истражување на јавното мислење веќе прогнозираа дека 71-годишниот Путин, кој е на власт речиси четвртина век и бара петти мандат, ќе добие повеќе од 80 отсто од гласовите. Тоа би бил неговиот најголем резултат до сега.

Путин има тројца ривали. Но, тие не само што немаат шанси, туку имаат и политички ставови кои се про-Кремљ и обично го поддржуваат Путин. На кандидатите кои се изјаснија против војната на Путин во Украина им беше забрането да се кандидираат.

Изборните набљудувачи од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) не беа поканети да ги следат изборите. Москва го проценува бројот на гласачи во Русија на 112 милиони, но таа бројка всушност вклучува 4,5 милиони луѓе во окупираните делови на украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон. Покрај тоа, два милиони Руси кои живеат во други земји имаат право на глас.

Претходна вестЛевица: Советниците од ДПМНЕ и коалицијата, ноншалантно го одбија предлогот за поништување на штетниот ДУП, кој води до колапс на општината Ѓорче Петров
Следна вестЖена од 103 години казнета во Италија затоа што возела со истечена возачка дозвола