Здравство го поништи тендерот за амбулантни возила од по 90 000 евра по серијата стории на „360 степени“

Бирото за јавни набавки ја објави одлуката да се поништи постапката, но не се напишани и причините. „360 степени“ дознава дека во Одлуката за поништување на постапката Министерството објаснува дека поради непредвидени и објективни околности се промениле потребите на договорниот орган

Имаше повеќе причини поради кои „360 степени“ објави серија стории на темата, но клучен беше фактот што речиси идентични такви амбулантски возила ни купи Делегацијата на ЕУ, и тоа по цена од околу 63 000 евра за возило. Понудата, пак, која беше избрана за најдобра на тендерот на Министерството за здравство беше далеку поскапа – 90 000 евра по возило

Министерството за здравство го поништи тендерот за набавка на 22 амбулантни возила. Епилогот следува по серијата стории на „360 степени“ за спорните и нелогични моменти во оваа јавна набавка.

Можеби клучно е тоа што речиси идентични такви возила купи Делегацијата на ЕУ за скопската Итна помош по цена од 63 400 евра за парче, на чиј тендер се пријавија седум фирми. На тендерот на Министерството за здравство, пак, се пријавија само две фирми. Онаа со пониска понуда од 70 000 евра по возило беше дисквалификувана, па за најдобра беше избрана преостанатата – од 90 000 евра по возило.

Како се стигна до понуда од 90 000 евра?

Кога Европската комисија во земјава го правела тендерот за амбулантни возила надградени со медицинска опрема за скопската Итна помош, се обратила во Министерството за здравство. Прашала какви точно возила и опрема се потребни за локалните служби. Добила одговор во делот на техничките спецификации, но на крај решила и да ги смени условите на некои места.

„Врз основана на претходни тендери за набавка на амбулантни возила или друга медицинска опрема и појаснувањата кои беа направени за време на постапката, Делегацијата на ЕУ малку ги измени дел од техничките барања, со цел да се дозволи поголема конкуренција“,

одговорија од Делегацијата на ЕУ во Скопје на 21 март 2024 година.

Бидејќи ЕУ „малку“ ги изменила техничките барања, на огласот се пријавија седум различни фирми кои нудат амбулантни возила, и тоа не само од земјава. На крај, победила фирмата „Еуроимпекс“ од Скопје, увозник на возилата на „Пежо“ за Северна Македонија, со цена од 63 400 евра по возило.

Примопредавање на возилата купени од ЕУ за скопската Итна помош (февруари, 2024 година)

Делегацијата на ЕУ веќе го имала завршено тендерот и чекала испорака на возилата, кога на 12 декември 2023 година Министерството за здравство распишува оглас за јавна набавка на 22 амбулантни возила со надградена медицинска опрема. Рокот за поднесување понуди е 5 јануари 2024 година, за кога е закажано и отворањето на понудите.

Тоа што го нема на тендерот на ЕУ, а се бара на тендерот на Здравство се неколку поситни уреди и инструменти: глукомер, сет инструменти за породување, штипка за папочна врска, сет инструменти за обработка на рани и за отстранување туѓи тела, пулс-метар и заштитна фолија.

Во делот за просторот од возилото каде што е пациентот, во тендерот на Министерството за здравство, дополнително од тендерот на ЕУ, се бараат и:

– Интегрирани два термо-боксови, еден за ладење и одржување медикаменти… друг со грејач за физиолошки раствор;

– Два контролни дисплеи осетливи на допир поврзани со CAN – BUS комуникација или еквивалент.

На тендерот на Здравство се пријавиле само две фирми – Аутомобиле СК (увозник на „фиат“) и Еуроимпекс (увозник на „Пежо“). Од „Еуроимпекс“ дале понуда од околу 70 000 евра по возило, додека фирмата Аутомобиле СК дала понуда од околу 90 000 евра по возило. Па, сепак, понудата на Еуроимпекс, која за потсетување победила на тендерот на Делегацијата на ЕУ, била отфрлена поради недостатоци. Понудата на Аутомобиле СК била прифатена, односно е избрана за најповолна.

Или вкупно избрана е понуда која е поскапа за околу 430 000 евра, без ДДВ. Интересна коинциденција е и што поскапата понуда е речиси идентична со процената вредноста на набавката. Тоа го отвора и прашањето – како е направена проценката дека едно амбулантно возило со медицинска опрема чини 90 000 евра, ако се знае дека ЕУ купи речиси идентични такви возила со речиси иста опрема за 63 400 по возило?

Но, клучниот фактор за кој потоа ќе се води постапка и пред Комисијата за жалби по јавни набавки се димензиите на возилата.

Милиметри вредни милиони

Во тендерот на Министерството за здравство се бараше возилото да биде со должина од најмалку 5 410 мм, меѓуосовинско растојание од најмалку 3 450 милиметри, ширина од најмалку 2 000 мм и висина од најмалку 2 530 милиметри. За споредба, во тендерот на ЕУ, минималните димензиите се пофлексибилни за да се охрабри конкуренцијата.

Од Аутомобиле СК доставиле документ дека нивното возило има должина 5 413 мм, меѓуоскино растојание 3 450 милиметри и висина од 2 539 милиметри, согласно условите во тендерската документација. Но, од Еуримпекс тврдат – возило со такви димензии не постои.

Еден од каталозите на кои се повикуваат од Еуроимпекс

Ваквото тврдење Еуроимпекс го темели на два извора. Првенствено, во јавно достапните каталози за возилата „фиат дукато“, навистина, нема верзија која истовремено има должина од 5 413 и висина од 2 539 милиметри.

А тоа го знаат добро во Еуроимпекс бидејќи и „фиат дукато“ и возилото што тие го понудиле, „пежо боксер“, се едно исто возило, само со различна значка.

Фиат „дукато“ (лево) и пежо „боксер“ (десно)

Возилата ‘фиат дукато’, ‘пежо боксер’, ‘ситроен џампер’ и ‘опел мовано’ се произведуваат во Stellantis – SEVEL S.P.A фабрика за автомобили во Атеса, Италија… Двата модела ‘фиат дукато’ и ‘пежо боксер’ се разликуваат само во заштитниот знак поставен на предната хауба и во називот на моделот поставен на задната врата. Сите други карактеристики се идентични: каросериска изведба, димензии на возилата, вградените мотори“,

одговорија од Еуроимпекс на прашањата на „360 степени“ по решението на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

А сè си беше по закон

Споменатите аргументи стигнаа до јавноста бидејќи се дел од решението на Комисијата за жалби по јавни набавки, која одлучи да ја одбие жалбата на Еуроимпекс кон крајот на февруари. Кога Комисијата ќе донесе одлука, таа ја објавува на својата интернет-страница.

Претходно, јавната набавка беше цел и на управна контрола. И таму заклучокот беше дека сè е во ред со тендерот.

Така, остана само потпишување на договор. Таа „чест“ требаше да му припадне на новиот министер за здравство Илир Демири. За потсетување, целата постапка за набавка на 22-те амбулантни возила се спроведе во времето на претходниот министер Фатмир Меџити, кој беше разрешен од функцијата како кадар од Алијанса за Албанците, но како припадник на крилото на Арбен Таравари. На неговото место дојде Илир Демири, кадар на Алијанса за Албанците лојален на крилото на Зијадин Села.

„360 степени“ во неколку наврати испраќаше прашања до Министерството за здравство во врска со епилогот од тендерот. На последниот сет прашања не добивме одговор, но на интернет-страницата на Бирото за јавни набавки осамна одлуката дека тендерот е поништен. Според упатени извори, образложението е затоа што – „поради непредвидени и објективни околности, се промениле потребите на договорниот орган“.

Ова, сепак, може да не е крај на оваа набавка. Засегнатите страни имаат право на жалба. Последниот збор, повторно, ќе го има Комисијата за жалби по јавни набавки.

- Реклама -