Ѓоковиќ може да заработи двојно повеќе пари во Саудиска Арабија отколку на Вимблдон!

Светскиот тенисер број 1, Србинот Новак Ѓоковиќ и Шпанецот Рафаел Надал ќе бидат главните имиња на новиот егзибициски турнир закажан за октомври во Саудиска Арабија, објавија организаторите.

Ѓоковиќ и Надал, кои заедно имаат освоено 46 Грен слем титули, ќе играат на „Шест кралеви слем“ заедно со победникот на Вимблдон од 2023 година, Карлос Алкараз од Шпанија и со победникот на неодамнешниот Австралија опен, Италијанецот Јаник Синер.

На турнирот во Ријад ќе учествуваат и светскиот рекет број 3, Русинот Данил Медведев, како и Данецот Холгер Руне,кој е седми на АТП ранг листата.

Според првите проценки, секој учесник на турнирот ќе добие по 1,5 милиони евра за настап. Победникот ќе заработи шест милиони долари, што е речиси двојно повеќе од парите што го доби Карлос Алкараз за победата лани на Вимблдон.

Надал, кој навести дека 2024 година може да биде негова последна сезона во натпреварувачкиот тенис, беше именуван за амбасадор на Саудиската тениска асоцијација на почетокот од јануари.

Саудиска Арабија, која се обидува да се етаблира во светот на спортот, веќе е домаќин на Формула 1 и на Мото ГП трка, како и на рели-рејд Дакар.

Во последните неколку месеци Саудијците за големи пари ангажираа дузина фудбалски ѕвезди во своите клубови, а би требало да организираат и неколку големи настани во следните години, како што е Светското првенство (СП) во фудбал 2034 година.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО