Здружението ТАКТ дел од интернационален проект „Спорт за едно општество”


Во конкуренција на 600 организации апликанти од 83 земји од светот, Здружението за унапредување на меѓусебна доверба ТАКТ е едно од десетте големи светски организации добитници на програмата за развој на капацитети „Спорт за едно општество” (Sport for One Humanity).


Програмата е воспоставена од „Туркиш ерлајнс“ со поддршка на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации (UNAOC), а ТАКТ беше прогласено за добитник во рамки на програмата на деветтиот Глобален форум , одржан во Фес, Мароко.
-Нашето здружение ја има честа да биде дел од само десетте глобални организации, заедно со (StopOSAEC), како останатите организации и нивните значајни проекти од: Уганда, Виетнам, Камерун, Мексико, Пакистан, Јордан, Индија, Кенија и други. Иницијативата „ Sport for One Humanity “ е основана за да ги почитува напорите на граѓанските организации кои придонесуваат за мирот и развојот и другите цели за одржлив развој преку спорт. Главната цел на програмата е да избере и поддржи иновативни проекти засновани на спорт кои промовираат култура на мир, меѓусебно разбирање и соработка меѓу различните заедници и култури ширум светот, со приоритет на проекти кои ги отелотворуваат одржливите цели на ООН за различност и инклузивност, образование и зајакнување на младите, зајакнување на жените и девојките, вклучување на лицата со попреченост и ранливите групи и поттикнување на мирни и инклузивни општества, информира Магдалена Спасовска, претседателка на Здружението ТАКТ.


Грантот обезбедува инструкции и едукација за градење капацитет преку онлајн сесии за обука, менторство и работилници лице в лице врз основа на уникатните потреби на примателот.
Десетте најуспешни организации со својот особен придонес на полето на спорт за развој имаа можност да се претстават во присуство на високиот претставник за UNAOC, Мигел Моратинос, Лаура Жорж, пензионирана француска фудбалерка, сега генерален секретар на Француската фудбалска федерација, Кристијан Карембеу, поранешен професионален фудбалер, моментно спортски директор на Олимпијакос и други фицијални претставници на ОН.
Претседателката на ТАКТ, Спасовска, на оваа церемонија ја претстави работата на ТАКТ како организација која ја користи моќта на спортот и играта за да ги едуцира, поттикне и развие вештините кај младите. ид/хс/