ПОЛУВРЕМЕ: Македонија игра фуриозно, со „плус четири“ на одмор

Македонската ракометна репрезентација има предност од 19-15 на паузата од вечерашниот дуел со Фарските острови, на кој нашите ракометари бркаат негатива од седум гола во првиот меч. За разлика од првиот натпревар, „црвено-жолтите“ овојпат играат извонредно, целосно го диктираат резултатот и веќе минаа половина од патот до СП, надополнувајќи четири гола од негативата од првиот меч. Потешкиот дел од задачата допрва претстои во преостанатите 30 минути, но Македонија покажа и квалитет и искуство, па имаме сосема реални шанси со помош од преполните трибини да комплетираме уште едно ракометно чудо.

Македонија од првата минута се обиде со „пет еден“ зона во одбраната, но гостите лесно решија и со гол од крило поведоа со 0-1. Никола Митревски ги крена фановите на нозе со одлични интервенции, а потоа и со гол од сопствениот шестерец, што го постигна со помош на фарскиот голман. Атмосферата се вжешти, а Македонија во петтата минута стигна до првото водство кога Лазаревски биеше прецизно за 3-2.

Добрата игра во нападот придонесе да ја одржуваме предноста, а по една од ретките грешки на гостите, Џонов од контранапад погоди за 7-5 на почетокот од 10. минута. Пешевски беше далеку подобар од првиот меч и донесе водство од 8-6, а во 13. минута преку Јагуриновски ја пропуштивме првата шанса за „плус три“, кога фарскиот голман го одбрани неговиот удар. Гостинскиот селектор побара тајмаут, по што „сино-белите“ ја вратија сигурноста во нападот, намалувајќи на 10-9 на половина од првото полувреме. Серафимов презеде одговорност, даде гол и изнуди пенал, по што Костески погоди од седум метри за 12-9.

Цела публика стана на нозе, вулканот „Борис Трајковски“ проработе, а Кузмановски со проектил од девет метри донесе водство од четири гола (13-9). Македонија играше полетно, а најатрактивниот момент во првото полувреме го имавме во 21. минута, кога Митев погоди од цепелин за 14-10. Лазаров побара тајмаут при водство од 14-10 и наш напад, по што одговоривме со гол на Серафимов, украдена топка од Џонов, но за жал не реализиравме и напад за „плус шест“.

Судиите од Турција во клучните моменти им помогнаа на гостите, со исклучување за Кузмановски при еден рутински фаул на девет метри, а потоа и со пенал подарок што Фарските Острови го искористија за да ја намалат негативата на три гола (16-13). Серафимов го круниса одличното полувреме со уште еден гол, но одбраната потклекна во финишот од полувремето, па на одмор заминавме со плус четири, со голот на Митев за 19-15.

Македонија покажа дека има сила и квалитет, останува во второто полувреме да го задржиме темпото и да се обидеме да ги достигнеме оние „минус седум“ од Торшавн.

Се вчитува...