Куп на Африка: Брегот на Слоновата Коска шампион, Алер национален херој

Домаќинот, Брегот на Слоновата Коска (БСК) е шампион на Африка во фудбал, откако синоќа во финалето на Купот на Африка (АФКОН) ја совлада Нигерија со 2:1. Натпреварот се одигра во Абиџан пред 60.000 гледачи, а херој беше Себастијан Алер.

БСК во петтото финале на АФКОН, по трет пат стана шампион. Претходно тоа им успеа во 1992 и во 2015 година.

БСК едвај ја мина групната фаза, забележувајќи една победа и два пораза, од кои еден од Нигерија, поради што селекторот Жан Луј Гасе доби отказ среде турнирот, по што привремено го замени Емерсе Фае.

Нигерија поведе во 38 минута, со голот на Вилијам Траст-Еконг. Пресвртот дојде со головите на Франк Кеси во 62 и на Алер во 81 минута.

За помалку од две години, Алер од пеколот и стравот за животот, кога му беше дијагностициран рак на тестисите, стигна да стане херој на нацијата.

-Многупати го сонувавме овој момент. Се надевавме дека ќе успееме, но не беше воопшто лесно. Радосните сцени што ги гледаме сега, се’ што се случува во земјата, луѓето го заслужија. Навистина се надевам дека ова им направи добро на многу луѓе, рече Алер по мечот.

Во летото 2017 година, Ајнтрахт Франкфурт му плати на Утрехт седум милиони евра за Алер, за што тој се оддолжи со придонесот во освојувањето на Купот на Германија, постигнувајќи четири гола на пет натпревари.

Потоа следуваше трансферот во Вест хем вреден 50 милиони евра. Но таму не се покажа во најдобро светло, по што се пресели во Ајакс, каде што собори голем број рекорди, воедно беше и најдобар стрелец во Ередивизие со 21 гол.

Така го заслужи и новиот голем трансфер, вреден 35 милиони евра, во Борусија Дортмунд, како замена за Ерлинг Халанд во летото 2022-та. Но по само две недели тој се почувствувал лошо во тренинг кампот во Швајцарија. Веднаш бил вратен назад во Дортмунд каде што тестовите покажале дека има рак на тестисите.

Поради операцијата и хемотерапијата ќе го пропушти поголемиот дел од сезоната 2022/23, но потоа се врати и стана клучен играч на Дортмунд во ловот на титулата. Со головите ја држеше Борусија на првото место, но во последниот, решавачки натпревар пропушти две клучни шанси во ремито против Мајнц, 2:2. Тоа го искористи Баерн и со победата над Келн, 2:1 успеа да ја освои 11-та титула по ред!

Алер не успеа да стане херој на Дортмунд, но стана херој на својата замја. Откако го постигна единствениот гол во полуфиналето против Конго и го однесе БСК во финалето тој вчера комплетираше неверојатна приказна со гол достоен за титулата.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО